Достапни линкови

Путин повика на пакт со САД за да се избегне изборна конфронтација во „дигиталната сфера“


Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин повика на нов договор со САД кој ќе обезбеди дека ниедна земја нема да се вклучи во сајбер-мешање во изборите во другата. Во соопштението во пресрет на американските претседателски избори на 3 ноември, Путин повика на ресетирање на односите меѓу Русија и САД, додавајќи дека сака договор меѓу двете земји, кој ќе спречи инциденти во сајбер просторот.

Понудата на Путин доаѓа по неодамнешните извештаи во САД кои сугерираат дека Москва веќе се обидува да се меша во претстојните претседателски избори во САД и оти тоа не е прв пат.

Американските разузнавачки агенции заклучија дека Москва се мешала во претседателските избори во САД во 2016 година, со цел да му помогнат на Доналд Трамп да биде избран за претседател, вклучително и со хакирање на електронската пошта на неговата противкандидатка Хилари Клинтон. Москва ги негираше обвинувањата.

Трамп сега се бори за втор мандат, а противкандидат му е демократот Џо Бајден.

Фејсбук вчера соопшти дека растурил три мрежи од лажни профили што руските разузнавачки служби можеле да ги користат за објавување на хакирани документи за да ги нарушат претстојните избори во САД. Фејсбук објави дека профилите биле поврзани со руските разузнавачи.

Мајкрософт пред две недели објави дека хакери поврзани со Русија, Кина и Иран се обидувале да шпионираат луѓе поврзани и со Трамп и со Бајден. Русија и Кина ги негираа обвинувањата.

XS
SM
MD
LG