Достапни линкови

Истрага за тероризам по нападот со нож во Париз


Спасувачките служби пренесуваат еден од повредените во возило за Итна помош по денешниот напад во Париз

Француското обвинителство за борба против тероризмот отвори истрага откако двајца луѓе беа ранети во напад со нож во Париз, во близина на поранешните канцеларии на сатиричниот магазин Шарли Ебдо, кој во 2015 година беше мета на терористички напад во кој загинаа 12 луѓе. Обвинителството денеска соопшти дека истрагата е за „обид за убиство во врска со терористичко здружување“ и „завера со терористи“.

Премиерот Жан Кастекс претходно рече дека четворица луѓе биле избодени, но претставници на париската полиција подоцна соопштија дека биле двајца.

Осомничениот бил уапсен, а на местото на нападот било пронајдено оружјето опишано како мачета или сатар. Осомничениот, кој бил со крвава облека, бил уапсен во источен Париз, објавија француските медиуми. Полициски извори за радиото Европа 1 рекле дека се работи за 18-годишник познат на безбедносните служби.

Судски извор за новинската агенција Франс прес рекол дека е уапсено уште едно лице, но таа информација не е официјално потврдена. Полицијата прво соопшти дека биле вмешани двајца напаѓачи, но подоцна рече дека уапсениот е единствениот сторител.

Засега не е познати дали нападот е поврзан со Шарли Ебдо, кој се пресели откако исламистички милитанти ја нападнаа нивната редакција во 2015 година, убивајќи 12 луѓе.

Судењето за нападот е во тек. Обвинети се 14 луѓе, меѓу кои тројца во бегство, за помагање на двајцата напаѓачи. Обвинетите рекоа дека сакале да се одмаздат зашто магазинот објавил карикатура на пророкот Мухамед.

Вработените во Шарли Ебдо сè уште добиваат закани.

XS
SM
MD
LG