Достапни линкови

Вести

Пахор: Не сум случајно тука. Да не се одлага меѓувладината конференција

Претседателите на Словенија и Северна Македонија, Борут Пахор и Стево Пендаровски во Скопје, 25 септември 2020

Меѓувладината конференција да се одржи веднаш и без одлагање, бидејќи ова е приликата што ЕУ не смее да ја пропушти, изјави денеска словенечкиот претседател Борут пахор во Скопје, по средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски, со што почна неговата дводневна официјална посета на Северна Македонија.

Меморандумот на Бугарија и изјавите од Софија за можна блокада на преговорите на Северна Македонија во Еу беа главата тема на средбата на двајцата претседатели. Софија достави до ЕУ меморандум со кој бара прашањата како оние за македонскиот јазик и Гоце Делчев да влезат во преговарачката рамка.

Пахор јасно кажа дека конференцијата не смее да се одложи зашто тоа може да доведе до инерција на целиот процес кој потоа би траел долго време, а тоа, напомена, ќе ги загрози интересите на Северна Македонија, на регионот и на ЕУ.

„Мојата посета тука не е случајна, не е случјано ниту времето на посетата. Го избрав зашто сакам како една од 27-те држави на ЕУ да нагласам дека сега е вистинската прилика да не се одложува меѓувладината конференција на Северна Македонија со Европската комисија. Разбирам дека некои соседни држави имаат колебања, но сакам отворено и јасно да кажам дека сега е вистинско време за солидарност меѓу членките на ЕУ и за целата дипломатска вештина да стори се меѓувладината конференција да почне без одложување. Словенија сега не го повикува Брисел да направи чекор, туку сум тука, во Скопје, посебно да кажам само за една држава, зашто сé уште важи индивидуланиот пристап“, рече Пахор на денешната заедничка прес-конференција со Пендаровски.

Северна Македонија, потенцираше Пахор, последните години направи толку многу за да ги исполни сите услови на ЕУ, така што сега би било неверодостојно да се одложат билатералните разговори со Унијата.

Неговиот домаќин, претседателот Пендаровски, додаде дека до овој момент не постои официјална позиција на Бугарија со која се бара одложување на првата меѓувладина конференција.

„Сакам да го видам крајот на преговарачкиот процес кој се одвива во ЕУ. Не би ја коментирал почетната преговарачка позиција на Бугарија. Имаме намера периодов да го отвориме комуникацискиот канал со Софија“, рече Пендаровски.

види ги сите денешни вести

Независна истрага бара одговорност од Владата на Малта за убиството на новинарката Каруана Галиција

Дафне Каруана Галиција

Независната истрага за убиството со автомобил-бомба на антикорупциската новинарка од Малта, Дафне Каруана Галиција откри дека Владата мора да сноси одговорност откако создала „култура на неказнивост“ во земјата. Каруана Галиција беше убиена додека излегуваше од својот дом на 16 октомври 2017 година.

Обвинителите сметаат дека бизнисменот Јорген Фенех, кој имаше блиски врски со високи владини претставници, го организирал убиството. Фенех, кој чека судење за поврзаност со убиства негира одговорност.

Тројца осомничени за активирање на бомбата беа уапсени во декември 2017 година. Оттогаш еден се изјасни за виновен како дел од спогодбата за вина и издржува 15-годишна затворска казна. Другите двајца чекаат судење. Истрагата, спроведена од еден судија и двајца пензионирани судии, покажа дека е создадена култура на неказнивост од највисоките ешалони на моќ во тогашната влада.

„Пипалата на неказнивост потоа се проширија на другите регулаторни тела и полицијата, што доведе до колапс на владеењето на правото“, се вели во извештајот на панелот, кој го објави премиерот Роберт Абела.

Се наведува дека државата не ги признала вистинските и непосредните ризици за животот на Каруана Галиција и не презела разумни чекори за да ги избегне.

Абела кој го наследи премиерот Џозеф Мускат на функцијата во јануари 2020 година на Твитер напиша дека извештајот бара „зрела“ и објективна анализа.

„Мора да се извлечат лекции и реформите да продолжат со поголема решителност“, рече тој, без да наведе повеќе детали.

Владата не беше веднаш достапна да даде коментар за извештајот. Сепак, Абела го повика парламентот на итна седница во петок наутро за да разговара за извештајот. Мускат поднесе оставка во јануари 2020 година по апсењето на Фенек. Тој никогаш не бил обвинет за какво било злосторство.

Пронајдени три тела по експлозијата во фабрика за хемикалии во Германија

Експлозијата во фабриката за хемикалии во Леверкузен.

Германските власти соопштија дека се пронајдени три тела во урнатините на инсенератор за ѓубре кој експлодираше во фабрика за хемикалии во западна Германија претходно оваа недела, со што бројот на жртвите се зголеми на најмалку пет.

Обвинителите соопштија дека две лица се уште се водат како исчезнати од експлозијата на 27 јули и се смета дека се мртви. Официјалните лица велат дека во експлозијата се повредени 31 лице.

Телата во хемиската фабрика во германскиот град Леверкузен беа пронајдени денеска кога започна истрагата на местото на експлозијата. Полицијата соопшти дека постои мала веројатност дека причината за експлозијата ќе биде откриена наскоро. Два дена беа потребни за да се осигура безбедноста на локацијата за да може да влезат инспекторите. Тие беа придружувани од специјалисти за животна средина, експерти од компанијата и криминални истражители.

Беспилотните летала се користат и како дел од она што властите го сметаат за истрага за „убиство од небрежност“. Властите предупредуваат дека се уште постои опасност од структурен колапс во објектот, како и контаминација од токсични хемикалии.

ЕУ со предупредување за патување на најпопуларните грчки острови

Миконос. Илустрација.

Грчките јужни егејски острови се обележани со темноцрвена боја на картата на Европскиот центар за превенција и контрола на болести по порастот на инфекциите на Ковид-19, што значи дека сите основни патувања од и до регионот не се препорачливи. Кластерот од 13 острови ги вклучува најпопуларните грчки дестинации за странски туристи како Миконос, Санторини и Родос, кои заедно привлекуваат милиони луѓе секое лето.

Грчкиот заменик министер за цивилна заштита Никос Хардалијас изјави дека Миконос и Иос, друга популарна туристичка дестинација биле на чекор оддалечени од воведување на ограничувања од страна на властите. Тој рече дека ситуацијата е загрижувачка и на островите Закинтос, Тинос, Лефкада, Санторини, Парос и Родос.

Грција, која во голема мера зависи од туризмот, се потпре на промовирање острови „без Ковид“ за да ги привлече посетителите ова лето, надевајќи се дека скокот во меѓународните патувања ќе го реанимира секторот по најлошата 2020 година во последните децении.

Германија, која овој месец ја наведе Грција како област на ризик од коронавирус, и Велика Британија која бара патниците кога се враќаат од Грција да се во карантин обично се најбројните посетители на летната дестинација.

Темноцрвените зони на картата на Европскиот центар за превенција и контрола на болести помагаат да се разликуваат области со многу висок ризик и исто така им помагаат на земјите-членки на ЕУ да ги почитуваат правилата што бараат тестирање при поаѓање и карантин при враќање.

Минатата недела центарот ја смени и позицијата на Крит, најголемиот грчки остров и друга популарна дестинација, во темноцрвена зона.

Жена од Тетово осомничена дека од сопругот украла 400 илјади швајцарски франци

Швајцарски франци. Илустрација.

МВР соопшти дека поднело кривична пријава против 65 годишна жена која од нејзиниот сопруг украла 400 илјади швајцарски франци или околу 370 илјади евра. Секторот за внатрешни работи Тетово, до Основното јавно обвинителство Тетово поднело кривична пријава против А.Х.(65) од тетовска Мала Речица и нејзиниот брат С.С.(56) од Босна и Херцеговина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.

Според МВР, во периодот од 4 до 8 јуни годинава, А.Х. му помагала на нејзиниот брат С.С. да украде 400.000 швајцарски франци од А.Џ.(80) од Мала Речица, кој е нејзин сопруг и да избега во Босна и Херцеговина.

По пријава на случајот во СВР Тетово, се наведува во соопштението од МВР, А.Х. исто така, заминала во Босна и Херцеговина и од нејзиниот брат ја одзела комплетната сума, по што заминала во Швајцарија.

Русија сака Франција и Британија да се приклучат на нуклеарни разговори со САД

Анатолиј Антонов, руски пратеник во САД

Русија соопшти дека сака Велика Британија и Франција да бидат дел од пошироките разговори за контрола на нуклеарното оружје со САД, откако Вашингтон го повтори барањето на вклучување на Кина во преговорите.

Анатолиј Антонов, рускиот пратеник во САД, денеска рече дека зголемувањето на бројот на учесници во разговорите ќе биде неизбежно и оти Русија го смета вклучувањето на Велика Британија и Франција како приоритет. Ова прашање доби особено значење по неодамнешната одлука на Лондон да го зголеми максималното ниво на нуклеарни боеви глави за 40 отсто на 260 единици“, рече тој, еден ден откако високи претставници на Русија и САД ги почнаа официјалните разговори во Женева.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков кој ќе ја предводи руската делегација во Женева рече дека Вашингтон сака и Кина да се вклучи во разговорите. САД и Русија поседуваат 90 проценти од светскиот нуклеарен арсенал.

Денешните разговори ќе бидат посветени на новиот договор СТАРТ, последниот голем договор за контрола на оружјето што остана меѓу Москва и Вашингтон. Бајден го продолжи договорот во јануари, непосредно пред истекот на истиот. Новиот СТАРТ стапи на сила во 2011 година. Договорот го ограничува бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави на 1.550, распоредени стратешки системи за испорака на 700 и предвидува режим на верификација.

Владата на Косово не ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовската Влада соопшти дека не ја поддржува иницијативата за „Отворен Балкан“, иницирана од премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешниот Регионален економски форум во Скопје. Во писмена изјава до медиумите на групацијата „Коха“ се наведува дека иницијативата е „без визија за регионот“.

Од кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти велат дека не биле поканети на денешниот Регионален форум поради противењето на иницијативата која потекна од средбата на Заев, Рама и Вучиќ во октомври 2019 година во српскиот град Нови Сад.

„Нашите ставови за идејата од Нови Сад, таканаречениот „Мини-Шенген“, веќе се познати. Новосадската иницијатива нема одобрување од наша страна и следствено ние немавме официјална покана за учество на средбата. За нас таканаречениот „Мини-Шенген“ е иницијатива без визија за регионот. Ние предложивме унапредување на регионалната соработка од ЦЕФТА во СЕФТА, според моделот на ЕФТА-ЕЕА, од што истовремено би имале придобивки сите земји на Западен Балкан“, се вели во одговорот.

Иницијативата за регионална соработка Мини Шенген, во која се опфатени Србија, Македонија и Албанија, од денеска има ново име и ќе се нарекува Отворен Балкан.

Бројот на жртви од поплавите во Кина порасна на 99 лица

Поплавите во Кина.

Бројот на настрадани од поплавите кои ја зафатија провинцијата Хенан во централна Кина порасна на 99, соопштија денеска властите. Во главниот град на провинцијата Женгжу, каде пред девет дена падна рекордна количина дожд беа поплавени тунелите од подземната железница, при што загинаа 14 луѓе.

Невремето потоа се пресели на север, поплавувајќи други делови на провинцијата. Во областите каде што водата се повлече во тек се акции за чистење на теренот.

Многу топло време со високи температури до 6 август, долж Повардарието над 42 степени

Поглед на центарот на Велес

Под влијание на многу топла воздушна маса од југ до 6 август продолжува периодот на стабилно и исклучително многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината. Aктивирано e портокалово ниво на опасност од високи температури, а вредноста на УВ индексот изнесува 9.

Наместа долж Повардарието температурата ќе го надмине и 42-тиот степен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Времето утре ќе биде сончево и многу топло. Утринските температури ќе се движат од 14 до 24 степени, а дневните од 33 до 42 степени.

Во Скопје и околината времето ќе биде сончево и многу топло со утринска температура до 20 степени, а дневна до 42 степени.

Собранието ја изгласа Резолуцијата за црвените линии со Бугарија

Илустрација: Собраниска седница

Собранието денеска ја усвои Резолуцијата за одредување на црвените линии во разговорите со Бугарија. Резолуцијата, која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, беше донесена речиси едногласно – со 95 гласа „за“, со само еден воздржан и ниту еден глас против.

Претходно беше усвоен амандманот поднесен од мнозинството со кој во резолуцијата се вметнува официјалното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.

Со Резолуцијата се зацврстуваат ставовите на Скопје во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.

Собранието со 59 гласови „за“ ги усвои и измените на Законот за државјанства кој предизвика низа реакции изминатиот период.

Во Сараево измерени рекордни 38,5 степени Целзиусови

Луѓе се разладуваат на фонтана во Сараево

Во Сараево е надминат апсолутниот температурен максимум за јули, откако вчера беа измерени 38,5 степени Целзиусови.

Претходниот апсолутен максимум беше пред 20 дена, кога на 8 јули беа измерени 38,4 степени.

Според Федералниот хидрометеоролошки институт, претходната рекордна температура за јули била измерена во 2000 година и изнесувала 38,2 степени.

Во моментов во БиХ е на сила портокалов метеоролошки аларм, што предупредува на опасни временски услови.

Нови 54 случаи на коронавирус, нема починати

Тест за коронавирус

Во изминатото деноноќие се регистрирани 54 нови случаи на коронавирус во Македонија, а нема починати пациенти. Направени биле 3.764 тестирања, информира Министерството за здравство.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје - 16, Тетово – 9, Битола и Дебар – по 6, Куманово – 5, Кочани – 3, Гостивар и Струмица – по 2, и Прилеп, Кавадарци, Охрид, Радовиш и Валандово – по еден нов случај.

Регистрирани сe 12 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.225, бројката на оздравени пациенти е 150.333, на починати е 5.491, а бројот на активни случаи изнесува 401.

Пожарот кај Анталија ставен под контрола, тројца загинати, над 50 хоспитализирани

Голем пожар во Анталија

Најмалку тројца луѓе загинаа, а десетици се во болница поради последици од шумскиот пожар кој ветерот го донесе до зградите во летувалиштето Манагват кај Анталија, на југот на Турција, соопштија властите.

Евакуирани биле 20 населби и села, 112 лица биле повредени, од кои 58 се хоспитализирани, најмногу поради труење со чад.

Министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пандемирли рече дека пожарот што изби вчера е ставен под контрола и оти денеска нема загрозен имот и луѓе.
Меѓутоа, денеска изби уште еден пожар, па пожарникарите и понатаму се на терен.

Неколку куќи, дуќани и возила се уништени.

Покраината Анталија каде што избија пожарите е популарна туристичка дестинација во Турција.

Голем шумски пожар во реонот на Анталија, Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Неколку помали шумски пожари беснеат во другите делови на Турција, но нема опасност за населени места.

Шумските пожари на турското крајбрежје се чести летно време, а за многу од нив постои сомнеж дека се подметнати.

Мини Шенген од денеска е Опен Балкан

Иницијативата за регионална соработка Мини Шенген, во која се опфатени Србија, Македонија и Албанија, од денеска има ново име – Опен Балкан, соопштено е денеска на состанокот на премиерите на Македонија и Албанија, и претседателот на Србија, Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ во Скопје.

На крајот на Форумот за регионална економска соработка, на кој присуствуваа и бизнисмени од трите земји, беа потпишани три меморандуми за соработка – за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки, за слободен пристап до пазарот и труд и за заштита од катастрофи.

Тројцата лидери денеска изјавија дека целта на иницијативата е до 2023 година да се укинат границите меѓу трите земји.

Целта на „Мини Шенген“ е да нема граници меѓу Србија, Македонија и Албанија

Македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама

Премиерот Зоран Заев на денешниот Економски форум во Скопје порача дека крајна цел на „Мини Шенгенот“ е да нема граници меѓу Македонија, Србија и Албанија. Тој напомена дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан.

„Нашата крајна цел е да постигнеме да нема воопшто застанување на границите меѓу Србија, Северна Македонија, Албанија, а се надеваме понатаму и пошироко. Второ, да ги подготвиме сите владини политики за слободно движење на услуги преку заемно признавање на професионалните квалификации, воведување систем без дозволи за интеркомпаниски трансфери. Трето, да го прошириме слободното движење на граѓаните преку овозможување мобилност на студенти, научници. Дополнително да го олесниме слободното движење на капиталот“, рече Заев.

Тој нагласи дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувањата кон Западен Балкан е против интересите на ЕУ.

„Ние не можеме да чекаме сите внтрешни проблеми на ЕУ да се решат за нашата економија да оди напред. Ние сме тука кога ЕУ ќе биде подготвена. Ние сме тука со подготвени економски иницијативи за кои ќе зборуваме денеска. Се надевам дека ЕУ ќе најде можност и да финансира дел од нив“, порача Заев.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека е договорено укинување на граничните контроли меѓу трите земји од 1 јануари 2023 година.

„Ние синоќа дадовме една задача. Ќе се обидеме и ќе дадеме се од себе. Тоа не е лесно. Еден услов беше довербата. Друг услов е дали нашите три земји и нашите три влади ќе бидат во состојба брзо да испорачаат резултати. Ќе можеме ли да ги надминеме сите слабости на нашите администрации. Ако го направиме тоа, на 1 јануари 2023 ние немаме граници меѓу нашите земји. Има, но нема граници за нашите граѓани. Одите од Белград до Тирана и никој не ве запира и обратно“, рече Вучиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека регионот не може да продолжи да е заложник на минатото. Она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот, изјави тој.

„Зошто би требало ние да чекаме затворени во нашите граници свртени грб со грб еден спроти друг како што тоа се случувало во минатите 500 години, бидејќи на крајот на денот оној момент кога ние ќе се интегрираме во ЕУ ќе го правиме токму ова што го правиме овде без ЕУ“, вели Рама.

Поевтинува парното греење во Скопје

Парно греење

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои крајната цена на испорачаната топлинска енергија кај трите компании на територијата на Град Скопје во просек се намалува за четири отсто, соопшти на денешната прес-конференција претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој истакна дека речиси 56 илјади потрошувачи приклучени на „Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) или 93 отсто од вкупниот број корисници ќе добиваат сметки пониски за 4,35 отсто, нешто над 3.800 домаќинства кои се приклучени на „ЕСМ Енергетика“ ќе плаќаат пониски сметки за 0,57 проценти, додека 501 потрошувач приклучени на „Скопје Север“ од 1 август ќе имаат поевтино греење за 1,25 отсто.

„Граѓаните приклучени на парно греење ќе добиваат пониски сметки. Денешните донесени одлуки се показател дека начинот на кој ја пресметуваме цената на топлинската енергија ги штитат потрошувачите. Со одлуките праќаме сигнал што повеќе граѓани да се приклучат на мрежата за парно греење, кое е најекономично и еколошко“, рече Бислимоски, посочувајќи дека имаме историски најниска цена на испорачана топлинска енергија.

На централните системи за греење на трите компании за топлинска енергија во Скопје се приклучени околу 60.000 корисници, што за една година претставува раст од речиси 2.000 нови потрошувачи.

Гугл и Фејсбук бараат од вработените да се вакцинираат

Илустрација

Одредени големи технолошки компании во САД бараат од своите вработени да се вакцинираат пред да се вратат во канцелариите на работа, зашто делта сојот на коронавирусот брзо се шири, а бројот на новозаразени расте, пренесува Гласот на Америка.

Гугл и Фејсбук објавија дека сите нивни вработени мора да се вакцинираат пред враќање на работа. Гугл соопшти дека во наредните месеци тоа ќе важи и за вработените во други земји.

Според медиумите, и Нетфликс ја претстави политиката за задолжителна вакцинација за сите кои учествуваат во продукцијата на серии и филмови во САД.

Епл планира повторно да воведе задолжително носење маски во сите продавници во САД, дури и ако персоналот е вакциниран, објави Блумберг.

Компаниите како Убер и Мајкрософт, кои планираа да ги вратат вработените во канцелариите, го продолжија периодот за работа од дома.

Заев, Вучиќ, Рама: Од 2023 без граници меѓу нашите земји

Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев на Економскиот форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021

Од први јануари 2023 нема да има граници меѓу Македонија, Србија и Албанија и движењето на граѓаните и превозниците ќе биде слободно - се договориле премиерите на Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на денешниот Економски форум за регионална соработка во Скопје.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека трите земји во наредниот период ќе работат на остварување на оваа идеја со што ќе се олесни протокот на луѓе, но и на стоки и услуги.

„Нема да има застанување од Белград до Тирана и обратно. Граници ќе има, но нема да има застанување за нашите граѓани. Тоа ќе биде историски момент. Знаете ли што значи ова, колкави ќе бидат придобивките кога превозниците на стока нема да мора да чекаат на граничните терминали. Ние секако дека сме на европскиот пат, но не сме глупави ниту наивни дека некој ќе работи во полза на нашите земји доколку тоа ние сами не го правиме “, рече Вучиќ во обраќањето на Економскиот форум.

Македонскиот премиер Зоран Заев на отворањето рече дека oд денеска започнува нова ера на соработката во регионот и, како што додаде, тоа е негова силна политичка волја и силна волја на претседателот Вучиќ и на премиерот Рама и мојата за ефикасна регионална соработка.

„За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан“, рече Заев.

Над 3.500 граѓани ќе добијат туристички ваучери од 200 евра

Туристи во Охрид

Министерството за економија обезбеди дополнителни 374 илјади евра за туристички ваучери за луѓе со ниски примања. Годинава владата реши да дава ваучери за туризам во висина од 200 евра за лица со ниски приходи кои што аплицираа на Јавниот повик. Со ребалансот на Буџетот за 2021 година, обезбедени се дополнителни средства за ваучери за туризам, со што над 3.500 граѓани со ниски приходи оваа година ќе може да летуваат во домашните туристички капацитети, објави на својот фејсбук-профил министерот за економија Крешник Бектеши.

Според Бектеши, досега се издадени 1.250 ваучери од 12 илјади денари (200 евра) за туризам во вредност од 250 илјади евра колку што беа предвидени во Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 година.

„На сите граѓани што аплицирале и што ги исполнуваат условите за добивање ваучер за домашен туризам ќе им бидат врачени во текот на наредната недела. Ваучерите за туризам може да се користат најдоцна до 30 ноември 2021 година во домашните туристички капацитети кои што се пријавија на Јавниот повик на Министерството за економија. Поддршката на туристичкиот сектор е наш приоритет“, напиша Бектеши.

Според Јавниот повик, како што посочува Министерството за економија, потврда-ваучер за користење на средства за организиран одмор на работници со ниски приходи можеа да добијат сите граѓани чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари и кои аплицираа на Јавниот повик кој беше објавен на 8 јуни 2021 година.

Има подобрувања, но условите во затворите сè уште лоши

Затвор Идризово

Во Македонија сè уште има проблеми со условите во затворите, констатира Комитетот на Советот за Европа за превенција на тортурата.

Во најновиот извештај се констатира дека има мали подобрувања, реновирано е едно крило во Затворот Скопје во Шуто Оризари, затворени се три проблематични крила во Идризово. Комитетот бил во посета на земјата лани во декември при што е констатирано дека има нехигиенски услови за притвор во таканаречената единица „амбуланта“, во крилата со затворен режим на затворот „Идризово“ и нереновираните крила на затворот „Скопје“.

Во извештајот се критикува старомодниот пристап кон притворениците во Шутка, кои се затворени по 23 часа на ден, без да прават ништо, а им се одбиваат и контактите со нивните деца.

Нема ни активности за затворениците во Идризово и тие добиваат неквалитетна здравствена заштита поради неподготвеноста на Министерството за здравство да преземе повеќе „стратешки пристап“ при неговото работење, стои во извештајот.

Едно од клучните прашање на кое посочува Комитетот е тоа што има недостаток на транспарентност во управувањето со затворите, а се нотира и загриженоста дека за раководни лица во затворите пресудна е политичка припадност, а не способноста за извршување на таква комплексна задача.

КПТ ги повикува властите да воспостават јасна хиерархија помеѓу управата на затворот и директорите на затворите и да воспостават повеќегодишна програма за почетни активности и обука на вработените во затворот и да ги засилат напорите за борба против феноменот на корупција на персоналот и фаворизирање преку специфични мерки.

Најмалку еден загинат и 62 повредени во пожар во Анталија

Голем пожар во Анталија

Најмалку едно лице загина во пожар во близина на туристичкиот град Манавгат во Анталија, Турција, соопштија властите. Според Си-Ен-Ен, 62 лица побарале лекарска помош.

Десет лица се заробени во шумскиот пожар што втор ден беснее во јужна Турција, соопшти денеска турскиот министер за земјоделство Бекир Пакдемирли, додека продолжуваат напорите за спасување и гаснење.

Пожарот, кој изби поради големата горештина во регионот, се случи вчера околу пладне во најблиската шума до Манавгат. Брзо се рашири поради силниот ветер и сè уште не е целосно ставен под контрола. Администрацијата на Анталија истакна дека ова е најсилниот пожар со кој се соочиле.

Голем шумски пожар во реонот на Анталија, Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Пакдемирли рече дека 82-годишен маж е пронајден мртов за време на евакуацијата на областа Кепезбелени, 16 километри североисточно од Манавгат, а 10 лица се заглавени во близина на браната Ојмапинар. Единици се обидуваат да ги спасат луѓето, рече Пакдермирли.

Властите евакуираа 18 села и области во Анталија додека уште 16 села беа евакуирани во соседните провинции Адана и Мерсин, додаде турскиот министер.

Сите туристички екскурзии во овој регион се суспендирани сè додека не се нормализира состојбата. Пожарот не претставува опасност за туристичките места.

Бајден се сретна со белоруската опозициска лидерка Циханускаја

Претседателот на САД Џо Бајден се сретна со белорускиот опозициски лидер Светлана Циханускаја во Белата куќа. Вашингтон, 28 јули 2021.

Американскиот претседател Џо Бајден се сретна со белоруската опозициска лидерка Свјатлана Циханускаја во Вашингтон. По средбата тој порача дека САД „стојат со народот на Белорусија во нивната потрага по демократија и универзални човекови права“. Циханускаја во изјава на Твитер рече дека Бајден направил „моќен знак за солидарност со милиони бестрашни Белоруси кои мирно се борат за својата слобода“. „Денес, Белорусија е на првата линија на битката меѓу демократијата и автократијата. Светот е со нас. Белорусија ќе биде успешна приказна“, наведе таа.

Пахор и Путин воведуваат Ден на словенечко-руско пријателство

Рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на комеморацијата за 100 години од руската капела со словенечкиот претседател Борут Пахор во Вршиќ, 30 јули 2016 година

Претседателите на Словенија и Русија Борут Пахор и Владимир Путин во телефонски разговор се согласија дека денот на церемонијата во руската капела под алпскиот премин Вршич во Словенија да биде Ден на словенечко-руско пријателство. Руската капела е изградена во 1916 година од руски воени заробеници во спомен на 110 паднати соборци кои ги однесе лавината за време на изградбата на патот преку Вршич (1.611 метри надморска височина) за австриските сили во Првата светска војна. За време на реконструкцијата на патот во 1937 година, остатоците од телата на многу руски затвореници беа пронајдени и закопани во костурницата покрај дрвената капела, која беше обновена во 2006 година.

Русија може да има корист од кризата во Црна Гора

Во минатата недела, Пахор му предложи на Путин церемонијата во руската капела, што се одржува секоја година на крајот на јули, да биде прогласена за Ден на словенечко-руското пријателство, а рускиот претседател го извести Пахор дека го прифатил предлогот. Пахор и Путин разговараа и за други теми и рекоа дека иако постојат разлики во политичките ставови на нивните земји, треба да се вложат напори за дијалог во корист на мирот и пријателството, пренесува словенечката агенција СТА.

Земјотрес со сила од најмалку 7,2 степени ја погоди Алјаска, предупредување за цунами

Земјотрес со сила од над 7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Алјаска

Земјотрес со сила од 7,2 степени според Рихтеровата скала го погоди полуостровот Алјаска, соопшти американскиот геолошки институт (УСГС). Земјотресот бил на длабочина од 35 километри, додаде УСГС. Американскиот систем за предупредување од цунами, според кој земјотресот бил со сила од 8,1 степени, издаде предупредување за цунами за американските пацифички територии Гуам и Северните Маријански Острови. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) го процени земјотресот со сила од 8,0 степени и длабочина од 10 километри.

Кризен штаб на Србија: Трета доза вакцина за лицата со одредени хронични болести

Жена ја фотографира раката откако примила вакцина против коронавирус во центар за вакцинација во трговски центар во Белград на 6 мај 2021 година.

Српскиот кризен штаб за сузбивање на коронавирусот одлучи на граѓаните кои имаат одредени болести да им препорача трета доза од вакцината против заразата. Министерката за труд, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, изјави дека станува збор за лица кои имаат состојба на имунодефициенција и хронични заболувања, кои се поврзани со имунитетот. „Тоа се првенствено луѓе кои имале трансплантација на органи, оние кои се на хемодијализа, лица со малигни заболувања“, изјави таа по седницата на Кризниот штаб.

Кон очекува ситуацијата со ковид-19 во Србија да се влошува

Според неа, првата доза на вакцината досега ја примиле 49,7 отсто од полнолетните граѓани, односно над 2,6 милиони луѓе, додека 2,5 милиони ги примиле двете дози, што „не е доволно за да се спречи ширењето на болеста“. На прашањето кога може да се очекува нов бран на епидемијата, таа рече дека тој нема да се случи доколку се вакцинираат најголемиот број на луѓе кои досега не го сториле тоа.

Белата куќа налага маски во федералните згради

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден се очекува денеска да објави нови мандати за федералните агенции во врска со спречувањето на ширењето на ковид-19. Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа веќе им препорача на федералните агенции дека мора да наложат маски во затворени простории во федералните згради за сите вработени и посетители, без оглед на статусот на вакцинација против ковид-19. Претходно, Центрите за контрола и превенција на болести издадоа упатство во вторникот дека вакцинираните лица треба да носат маски во затворени простории во области со значителен или висок пренос на коввид-19.

Бајден размислува за задолжително вакцинирање на федералните вработени

Се наведува и тоа дека најмалку 63% од американските окрузи се сметаат за зони со значителен или висок ризик. Додека варијантата делта на коронавирусот се разгорува низ делови од Соединетите држави, а имунизацијата заостанува, федералната влада повторно се стреми за да ја спречи пандемијата што започна пред повеќе од една година, со надеж дека ќе избегне идни затворања на национално ниво.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG