Вести
Владините директори и членовите на одборите ќе се бираат на конкурс

За директорите на институции кои ќе ги именува Владата и за членовите на Надзорните и Управните одбори ќе биде објавен конкурс, а тие ќе треба да поднесат мотивационо писмо и програма за работа за да може на крајот на нивниот мандат да се оцени што е сработено, соопшти денеска вицепремиерот задолжен за задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Според него, на тој начин транспарентно и чесно ќе се изберат вистински професионални кадри.
„Тоа е огромна промена која досега за најголем дел од нив не е законска обврска. Зборувам за нови стандарди, нови пракси кои имаме волја да ги воспоставиме. Кога ќе го отвориме тој процес, сигурно дека тоа ќе биде можност за луѓе со капацитет да се вградат во институциите и во овие четири години кога општеството треба да го трансформираме. Тоа што не било направено со генерации, да почнеме да го менуваме“, рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата.
види ги сите денешни вести
До трети декември, заклучоци на Анкетната комисија за онкологија

Анкетната комисија за скандалот со Клиниката за онкологија денеска нема да заседава и покрај тоа што рокот за донесување заклучоци е до 3 декември, потврдува за МИА претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата вчера излегоа со различни заклучоци.
„Сѐ уште сум во шок поради тоа што пратениците од мнозинството не сакаат да ја испочитуваат одлуката на пленумот, каде што се бара, доколку има, да се одреди политичка одговорност за лице со име и презиме. Оти во нашата одлука, член 2 став 2, стои утврдување на политичка одговорност на здравствени и други владини функционери“, рече Мизрахи за МИА.
На вчерашната седница имаше несогласувања меѓу членовите на Комисијата околу заклучоците за утврдување на политичка одговорност.
Претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи соопшти дека политичка одговорност е утврдена кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директори на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Букова, како и тогашните директори на ФЗО Стево Кртсевски и Фатон Ахмети заради прекршување на уставните начела, непостапување согласно надлежностите пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.
Пратениците од СДСМ не се согласија со овие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Побараа оставка од претседателката на Комисијата.
Тие доставија свои заклучоци со кои бараат од ОЈО под итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија, како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите.
Одлуката за формирање на Анкетната комисија беше донесена на 20 септември по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа Клиника. Јавното обвинителство отвори и предистражна постапка. Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и протести.
Си: Кина мора да ги заштити правата на странските компании

Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди поголема заштита на правата на меѓународните компании и интелектуалната сопственост, објавија во вторникот државните медиуми, додека Пекинг работи на привлекување странски компании кои се исплашени од построги мерки и нестабилна економија.
Американските и европските компании во Кина известуваат дека е се потешко да се води бизнис во таа земја од кога било поради геополитиката, антишпионските закони, акциите против мултинационалните компании и поволниот третман на домашните компании.
Пекинг, сепак, покажа знаци дека сега повторно се обидува да привлече странски компании.
Во писмениот говор на Самитот на извршните директори на АПЕК овој месец, Си ги повика компаниите да инвестираат, ветувајќи мерки за да им се олесни на странските компании да инвестираат и да прават бизнис во Кина.
На состанокот во понеделникот на Политбирото на кинеската Комунистичка партија - највисокото тело за одлучување во земјата, рече дека Кина мора да обезбеди „сеопфатен, отворен и транспарентен“ правен третман на странските субјекти, објави државната телевизија CCTV.
Правниот систем на Кина треба „да ја зајакне заштитата на правата на интелектуална сопственост“, рече Си, како и „да ги заштити легитимните права и интереси на странските претпријатија“.
Пекинг мора да „создаде пазарно ориентирана, легална и меѓународна првокласна деловна средина“, рече Си.
Странските компании долго време се жалат на нејасни и произволни прописи во Кина, пред се во врска со кражбата на интелектуална сопственост, на што укажаа и американски претставници при посетата на Кина оваа година.
Американските и европските бизнис лоби во септември предупредија дека довербата на странските бизниси во Кина паднала на најниско ниво во последните години, бидејќи забавувањето на растот и геополитичките тензии влијаеле врз изгледите за инвестирање.
Деловните лобија, сепак, гледаат знаци дека работите би можеле да се подобрат по зголемениот американско-кинески ангажман и средбата меѓу Си и претседателот Џо Бајден овој месец.
Продолжен притворот на американскиот новинар Гершкович во Русија

Судот во Москва во вторникот објави дека до јануари му го продолжил притворот на американскиот новинар Еван Гершкович, кој на крајот на март беше уапсен во Русија под обвинение за шпионажа.
Окружниот суд Лефортово сооошти дека на Гершкович, кој ги негираше обвинувањата, му бил продолжен „периодот на притвор“ за уште два месеци до 30 јануари.
Гершкович, известувач на „Волстрит џурнал“, беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ) на 29 март во градот Екатеринбург на Урал под обвинение за шпионажа, што се казнува со затвор до 20 години.
Тој е првиот американски новинар кој е уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна.
Русија објави дека Гершкович е фатен „на дело“. ФСБ, главниот наследник на КГБ, тврди дека новинарот се обидел да дојде до воени тајни.
Белата куќа ги нарече обвинувањата „смешни“, а претседателот Џо Бајден рече дека притворот на Гершкович е „целосно незаконски“.
„Волстрит џурнал“ ги негира обвиненијата и бара негово итно ослободување.
Русија сè уште не објави никакви докази за овој случај.
Гершкович, кој течно зборува руски, беше во Лондон во февруари кога Русија ја започна својата инвазија на Украина и се подготвуваше да се врати во Русија за да започне да известува за Волстрит журнал, откако претходно работеше за АФП.
Израел доби список на заложници кои Хамас треба да ги ослободи денеска

Израел доби список на израелски заложници кои денеска треба да ги ослободи Хамас, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
„Списокот на заложници во моментов се разгледува и „во моментов се доставуваат известувања до семејствата на оние кои ќе бидат ослободени по повеќе од 50 дена поминати како заложници во Газа“, се наведува во соопштението.
Бројот на заложниците што ќе бидат ослободени денеска како дел од продолжениот договор за прекин на огнот постигнат во понеделникот не е прецизиран, пишува Тајмс оф Израел.
Од петокот, 50 израелски заложници се ослободени како дел од првичниот договор за четиридневен прекин на огнот во борбите во Газа и ослободување на тројца палестински затвореници за секој израелски заложник.
Како резултат на паралелните преговори водени од Катар, Хамас ослободи и 17 Тајланѓани, еден Филипинец и еден руско-израелски државјанин.
Израел и Хамас вчера се согласија да го продолжат привременото примирје за два дена, отворајќи можност за ослободување на уште околу 20 луѓе кои се заложници на палестинската милитантна група.
Стејт департмент: Блинкен ќе ја истакне улогата на ОБСЕ во обезбедувањето безбедност во регионот

Државниот секретар на Соединетите Држави, Ентони Блинкен ќе учествува на Министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје каде ќе зборува за главната улога на Организацијата во промоција на продлабочената безбедност во регионот и ќе се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога, соопшти во понеделникот вечерта Стејт департментот.
Блинкен денеска учествува на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, а во посета на Северна Македонија доаѓа утре каде на 29 и 30 ноември се одржува состанокот на министрите на ОБСЕ, изјави портпаролот Метју Милер.
„Во текот на посетата на Северна Македонија, државниот секретар ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ за реафирмација на цврстите заложби на САД во ОБСЕ и главната мисија на организацијата да промовира безбедност, стабилност и соработка меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирно решавање на споровите, рече Милер.
„Блинкен исто така ќе ја истакне главната улога што ОБСЕ ја игра во промоција на продлабочената безбедност низ регионот и ќе се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога“, се вели во соопштението од Стејт департментот.
Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија вчера на брифинг изјави дека на состанокот Блинкен ќе зборува и за подршката на САД и сојузниците за Украина.
Од Скопје тој ќе опатува на Блискиот исток, во Израел и ОАЕ. Во Израел ќе разговара за правото на Израел да се одбрани од нападите на Хамас согласно меѓународните хуманитарни закони, како и за напорите да се обезбеди ослободување на останатаите заложници. Ќе се раговара и за идното создавање на палестинска држава.
Во Дубаи тој ќе учествува на Климатската конференција на ОН КОП28, каде со глобалните лидери ќе разговара за продолжување на борбата со климетските промени.
Бугарија го отвори воздушниот простор за авионот на Лавров

Бугарија го отвори небото за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доколку тој одлучи да присуствува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, изјави за новинската агенција ТАСС руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова.
„Добивме позитивен одговор на нашата нота за летот на авионот на Лавров преку воздушниот простор на Бугарија. Бугарското Министерство за надворешни работи официјално не информираше дека нашиот министер може да лета во воздушниот простор на земјата“, вели Митрофанова за руската агенција.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека ќе учествува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија доколку Бугарија ја промени одлуката.
Претходно, македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ќе може да слета во Скопје, откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.
Пред два дена министерот Бујар Османи рече дека се преговара со Бугарија и Грција да дозволат прелет, но, не гледа причина зошто да не го дозволат тоа.
Русија негира дека ќе има средба меѓу Лавров и Блинкен на самитот на ОБСЕ во Скопје

Американската страна не побарала средба меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Антони Блинкен на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ во Северна Македонија.
Ова во изјава за новинарите го кажа заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Рјабков, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
„Не, (американската страна не побарала) и нема да бара. И нема да има средба“, посочи заменик министерот, одговарајќи на новинарско прашање од ТАСС.
Како што пренесува агенцијата, помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан се воздржал од коментари за можноста за релевантни контакти.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во понеделник (27 ноември) изјави дека ќе учествува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор и дека некои западни земји веќе побарале средби со него.
Тој истакна дека веќе имал неколку барања за средби, вклучително и од западни претставници.
„Ако некој ни пријде, ние никогаш не бегаме и не се криеме“, додаде рускиот шеф на дипломатијата.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен ќе ги претставува САД на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје оваа недела, објави денеска помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан.
Примирјето во Газа е продолжено за два дена, објавија Катар и Хамас

Посредникот Катар во понеделникот (27 ноември) објави дека е постигнат договор за продолжување на примирјето меѓу израелските и силите на Хамас во Газа за два дена, продолжувајќи ја паузата во седумнеделната војна во која загинаа илјадници луѓе и ја опустоши палестинската енклава.
„Постигнат е договор за продолжување на хуманитарниот прекин на огнот за дополнителни два дена во Појасот Газа“, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи на платформата „X“.
Хамас, исто така, соопшти дека се согласил за дводневно продолжување на примирјето со Катар и Египет, што овозможило индиректни разговори меѓу двете страни. Немаше коментар од Израел.
„Постигнат е договор со браќата во Катар и Египет за продолжување на привременото хуманитарно примирје за уште два дена, под истите услови како и во претходното примирје“, изјави претставник на Хамас во телефонски разговор за Ројтерс.
Пред изјавите, шефот на египетската државна информативна служба, Диа Рашван, рече дека договорот за продолжување е близок и ќе вклучува ослободување на 20 израелски заложници меѓу оние кои Хамас ги зароби за време на нападот на 7 октомври на јужен Израел. Во замена, 60 Палестинци ќе бидат ослободени од израелските затвори.
Првобитното примирје требаше да заврши во понеделник навечер.
Бидејќи во понеделник се очекува ослободување на 11 израелски заложници, преговорите се уште траат за ослободување на 33 Палестинци, додаде Рашван.
Според израелските извештаи, примирјето договорено минатата недела беше првиот прекин на борбите во последните седум недели откако Хамас го нападна Израел, при што загинаа 1.200 луѓе и вратија околу 240 заложници во Газа.
Како одговор на тој напад, Израел ја бомбардираше енклавата и започна копнена офанзива на север. Околу 14.800 Палестинци се убиени, соопштија здравствените власти во Газа, а стотици илјади се раселени.
Огромните области на енклавата под контрола на Хамас се срамнети со земја од израелските воздушни и артилериски напади, со продлабочена хуманитарна криза, поради намалување на залихите со храна, гориво, вода за пиење и лекови.
Од фабрика во Гостивар украдени над половина тон марихуана

Министерството за внатрешни работи информира дека доцна синоќа (26 ноември) во 23.00 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека во фабрика за марихуана за медицински цели во атар на с.Чегране, гостиварско, три лица физички нападнале вработен како обезбедување и му одзеле пари и лични предмети, по што со закана со пиштол го затвориле во една просторија.
Според пријавеното, откако крадците си заминале, тој излегол и забележал дека капијата од фабриката била отворена и дека две врати од внатрешниот дел биле искршени.
Во консултација и координација со јавен обвинител, увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар и било утврдено дека од внатрешноста на објектот лицата одзеле 41 вреќа со вкупно 552,85 килограми марихуана.
„Имено, на 04.10.2023 од страна на ОКП, по извршена вонредна контрола и претрес со судска наредба, во координација со Комисијата оценување исполнетост на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, биле констатирани неправилности во работењето на фабриката. Одземените насади канабис биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, по што била поднесена кривична пријава против правното и одговорното лице согласно Законот за контрола на опојни дроги и покрената постапка за одземање на лиценцата“, се вели во соопштението на МВР.
Маск и Нетанјаху посетија кибуц нападнат од Хамас

Илон Маск, кој се најде на удар на критики поради обвинувањата за антисемитизмот на неговата платформа „X“ (поранешен Твитер), го посети Израел и кибуцот нападнат од екстремистите од Хамас минатиот месец.
Милијардерот и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху заеднички го посетија кибуц Кфар Аза, кој беше нападнат од екстремистите на Хамас на 7 октомври. Маск, облечен во заштитен елек и придружуван од бројни чувари, користел телефон за да фотографира или да го сними уништувањето, според снимките објавени од канцеларијата на Нетанјаху.
Тие ги посетија домовите на некои од жртвите, вклучително и семејството на Абигејл Едан, четиригодишно девојче со двојно израелско и американско државјанство, кое Хамас го држеше како заложник откако нејзините родители беа убиени. Таа беше ослободена во неделата во последната рунда размена за време на прекинот на огнот во Газа, кој треба да истече по понеделник.
„Беше непријатно да се види сцената на масакрот“, рече Маск подоцна во разговор со Нетанјаху. Маск рече дека е вознемирен од видеата и фотографиите што премиерот му ги покажа за убиствата на цивили, вклучително и деца.
Маск и Нетанјаху разговараа за конфликтот и други поврзани теми, но, не го допреа антисемитизмот на интернет, пишува Асошиетед прес.
Нетанјаху рече дека се надева оти Маск ќе биде вклучен во изградбата на подобра иднина, на што милијардерот одговори: „Би сакал да помогнам“.
Владиниот портпарол Ајлон Леви одби да каже дали Маск бил поканет или дошол сам. Платформата „X“, порано позната како Твитер, не одговори на барањето за коментар.
Израелскиот министер за комуникации, Шломо Кархи, претходно во понеделникот објави на „Х“ дека е постигнат договор кој неговото министерство го склучило со сателитската интернет компанија на Маск -„Старлинк“.
„Како резултат на овој значаен договор, сателитските единици „Старлинк“ можат да работат во Израел само со одобрение на израелското Министерство за комуникации, вклучително и во појасот Газа“, напиша Кархи, без да наведе детали, пишува АП.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете