Достапни линкови

Прва седница на црногорскиот парламент, Ѓукановиќ не присуствуваше


Подгорица- конститутивна седница на црногорскиот парламент, 23.09.2020

Црногорскиот парламент денеска ја одржа првата седница по изборите кои се одржаа минатиот месец и на кои Демократската партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ по три децении ја изгуби власта.

Новото мнозинство, во кое има три коалиции, се уште нема постигнато договор за влада, а Ѓукановиќ не присуствуваше на инаугуративната седница на парламентот.

Лидерите на трите коалиции Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ соопштија дека сакаат да формираат влада која ќе ги зајакне институциите, кои велат дека се ослабени по декади коруптивно владеење. Како и да е, разговорите ги одбележаа и несогласувања меѓу коалициските партнери кои имаат 41 пратеничко место во парламентот кој има 81 пратеник.

Во меѓувреме партијата Демократска Црна Гора на Бечиќ објави потпишан документ со кој од претседателот Ѓукановиќ се бара мандатот за состав на нова влада да му го додели на Здравко Кривокапиќ, носител на коалициската листа За иднината на Црна Гора.

Ѓукановиќ беше на чело на Црна Гора од 1990 година и ја отргна земјата од традиционалниот сојуз со Србија и Русија. Црна Гора стана членка на НАТО во 2017 година, а критичарите го обвинуваат Ѓукановиќ за корупција, непотизам и организиран криминал, обвинувања кои тој ги негира.

XS
SM
MD
LG