Достапни линкови

Лукашенко положи заклетва на ненајавена церемонија


Александар Лукашенко

Александар Лукашенко денеска положи заклетва за нов мандат како претседател на Белорусија на инаугурација која опозицијата ја нарече нелигитимна и при тоа повика на нови протести против 26-годишното владеење на Лукашено, јави Ројтерс. Ненадејната церемонија, која вообичаено до сега се правеше како голема државна пригода, се одржа без најава.

Опозицијата го обвинува Лукашенко за масовно лажирање на резултатите од претседателските избори на 9 август и веќе повеќе од шест недели бара негова оставка на масовни протести во кои има судири со полицијата, многу повредени и голем број уапсени граѓани.

Официјалната новинска агенција Белта јави дека Лукашенко ја ставил десната рака на копија од уставот и се заколнал на службата на церемонијата на која присуствувале околу стотина луѓе. Тој притоа рекол дека на земјата ѝ требаат безбедност и консензус „на работ на глобалната криза“, очигледна референца за пандемијата Ковид-19, јави Ројтерс.

„Не можам, немам право да ги напуштам Белорусите“, рече Лукашенко.

Опозицискиот политичар Павел Латушко рече дека заклетвата била како „тајна средба на крадци“.

"Каде се будните граѓани? Каде е дипломатскиот кор?", напиша Латушко на социјалните мрежи и повика на „граѓанска непослушност“.

XS
SM
MD
LG