Достапни линкови

Борел: Нe за Лукашенко, бараме начин за поддршка на народот


Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел во Брисел, заедно со лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, која покажува фотографии од повреден демонстрант на протестите во Белорусија

Шефот на дипломатијата на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, оцени дека ситуацијата во Белорусија продолжува да се влошува поради репресијата на властите над мирните демонстранти, јави МИА.

„Народот на Белорусија има право слободно да го избере претседателот без прогонување и репресии“, рекол Борел.

Во Белорусија продолжуваат секојдневните масовни протести, почнувајќи од прогласувањето на победата на Александар Лукашенко на претседателските избори. Опозицијата и дел од граѓаните не ги признаваат изборите и бараат неотповиклива оставка од Лукашенко.

Шефот на европската дипломатија, Борел, денеска, пред состанокот на Советот на ЕУ во Брисел, најави дека шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе разгледаат како да го поддржат народот во Белорусија и како да ги продолжат односите со белоруската влада, земајќи предвид дека ЕУ не го признава Лукашенко за претседател.

Борел истакна дека не се работи за мешање на ЕУ во внатрешните прашања на Белорусија и нагласи дека демократијата и човековите права се во основата на идентитетот на ЕУ. Министрите за надворешни работи на ЕУ пред состанокот во Брисел разговарале и за кандидатката за претседател на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја.

XS
SM
MD
LG