Достапни линкови

Грција и Турција навестуваат намалување на тензиите во спорот за морското дно


Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Враќањето на турскиот истражувачки брод „Оруч Рејс“ во Анталија, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е „прв позитивен чекор“, изразувајќи надеж дека ќе има и продолжение кон деескалација. Бродот беше во источниот Медитеран којшто е центар на спорот за правата за експлоатација на енергенси од морското дно.

На денешната прес конференција во Солун, Мицотакис повтори дека Грција сака да разговара со Турција, но во мирна клима, без провокации и еднострани активности за единствената разлика, одредување на морските зони.

„Сакам да верувам и да се надевам дека вчерашниот потег е прв чекор во правилна насока. Очигледно, треба да има и продолжение, бидејќи деескалацијата не е нешто што се случува во еден момент. Штом видиме знаци во оваа насока, Грција е секогаш подготвена, зошто не и набргу, за нов циклус контакти со Турција“, рече тој.

За евентуална средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, Мицотакис рече дека не е негативен во однос на таква средба и дека доколку постои добра волја и доверба „подобро е да се разговара и да се сретнува, отколку да не се разговара и да нема средби“.

Оваа негова изјава навестува дека Атина и Анкара би можеле да почнар разговори за смирување на тензиите, откако Турција соопшти дека нејзиниот истражувачки брод Оруч Реис почнува истражување во водите за кои Грција тврди дека се под нејзина јурисдикција.

Се работи за локација на која потенцијално има значителни резерви на нафта и гас, а двете членки на НАТО испратија воени бродови во областа.

НАТО организираше разговори меѓу воените сили на двете страни за да се избегне ризик од конфликт, а ЕУ размислува дали да воведе санкции против Турција.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар денеска изјави дека Анкара го поддржува мирот и дијалогот „ако нашите желби и барања бидат исполнети“.

XS
SM
MD
LG