Достапни линкови

Брнабиќ тврди дека Србија не влијаела на изборите во Црна Гора


Архивска фотографија - Ана Брнабиќ и Мило Ѓукановиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска, преку соопштение, тврди дека Србија на ниту еден начин не се меша во внатрешните работи на Црна Гора и дека на ниту еден начин не влијаела врз изборниот процес во Црна Гора, јави МИА од Белград.

Оваа изјава на српската премиерка е реакција на ставовите искажани во интервјуто на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој рече „дека е можно неговата партија да изгубила поради незадоволството на граѓаните од некои политики“, што не го достигна нивото на очекуваните стандарди, но како можна причина тој ја наведе „манипулацијата со Црквата и официјален Белград околу Законот за слобода на религијата, кој Белград го иницираше и го водеше од декември минатата година до денес“.

Лидерите на трите опозициски коалиции „За иднината на Црна Гора“, која ја предводи просрпскиот Демократски фронт (ДФ), „Мирот е наша нација“ предводена од Демократите и „Црно на бело“ на чие чело е УРА, прогласија победа над ДПС на Мило Ѓукановиќ на парламентарните избори одржани на 30 август и се состанаа уште првиот ден по избори и порачаа дека ќе ја формираат идната влада. Опозицијата освои 41, од вкупно 81 мандати.

Брнабиќ за изјавата на Ѓукановиќ вели дека „е негов обид за политичка измама за да ги објасни причините за изборниот резултат на неговата партија“.

XS
SM
MD
LG