Достапни линкови

Критики меѓу мнозинството и опозицијата на седницата за избор на Влада


Седница на Собранието на Република Северна Македонија со единствена точка на дневен ред - избор на нова Влада. 29.08.2020.

Собраниската седница за избор на новата Влада на Република Северна Македонија ќе продолжи в недела на 30 август со почеток во 12 часот, откако денеска мандатарот Зоран Заев во излагањето пред пратениците ги претстави приоритретите на новиот владин состав, додека опозициските пратеници ја критикуваа предложената владина програма.

„Важно е новата Влада да го заокружи новиот мандат од четири години за да се обезбеди поволен амбиент за остварување на економската програма, како и за нашите евроинтеграции“, рече лидерот на СДСМ лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Денешната седница, на која изборот на Влада е единствена точка на дневен ред, беше закажана од страна на собрансикиот спикер Талат Џафери, откако Заев го доби мандатот за формирање на Влада по гласањето на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија одржани на 15 јули 2020 година. Резултатите од изборите покажаа дека неговата партија СДСМ обезбеди најмногу пратенички мандати (46).

Заев како претседател на СДСМ постизборно го обезбеди парламентарното мнозинство преку постигнатиот договор за коалиција со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со лидерот на ДПА Мендух Тачи.

Тоа беше направено откако на изборите на 15 јули СДСМ освои 46 мандати, ДУИ 15 и еден ДПА. Со тоа трите партии сега се дел од колиција која во Собранието на Република Северна Македонија има мнозинство од 62 пратеници.

За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас.

Заев, меѓу другото, рече дека министрите на новата Влада ќе бидат посветени на решавањето на здравствената криза предизвикана од Ковид -19, на економскиот раст на земјата, реформите во администрацијата, владеењето на правото, борбата против корупцијата и чиста животна средина.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја критикуваа владината програма. Тие на собраниската говорница излегуваа со аргументи дека не се доволни напорите на власта во борбата против корупцијата, но и дека не е направено доволно за растот на економијата и за развојот на образованието.

Во оваа насока пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски изјави дека „власта на есен ќе се соочи со бројни протести.“

Критики кон власта упатија и пратениците од коалицијата на Алијанса за Албанците – Алтернатива. Тие оценија дека предложените министри од редовите на ДУИ нема да придонесат за зголемување на стандардот на Албанците.

Предлогот за новата Влада е таа да биде составена од 19 министри, што е немалување за седум министерски места во однос на претходната.

XS
SM
MD
LG