Достапни линкови

Почна седницата за избор на нова Влада, Заев најави реформи


Архива - Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија.

Почна седницата на која единствена точка на дневен ред е избор на нова влада. Пратениците го усвоија предложениот дневен ред, а откако беше отворен претресот, мандатарот Зоран Заев во експозето од собраниската говорница посочи дека земјата се соочува со кризата предизвикана од коронавирусот и дека постојат ризици врз здравствениот систем, но истакна дека новиот владин состав, освен на посветеноста во справувањето со кризата, ќе може да направи трансформација на економиијата, да донесе повеќе инвестиции, зголемување на платите, да изгради нова патна инфраструктура и нови болници, да воведе политики за здрава животна средина, да направи суштински реформи во правосудството и владеењето на правото.

„За да го постинеме тоа, потребно ни е стабилност и предвидливост. Затоа е важно новата Влада да го заокружи новиот мандат од четири години за да се обезбеди поволен амбиент за остварување на економската програма, како и за нашите евроинтеграции. Во следниот мандат градиме уште поодговорни и уште поотворени институции посветени на интересите на граѓаните. Следува период на структурни реформи во јавната администрација“, рече Заев.

За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас. Владината коалиција ја сочинуваат три политички партии кои постизборно се договорија да формираат мнозинство: колицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, ДУИ и ДПА.

Тие заедно во Собранието имаат парламентарно мнозинство од 62 пратеници, откако по завршувањето на изборите на 15 јули СДСМ освои 46 мандати, ДУИ 15 и еден ДПА.

Собраниска седница за избор на нова Влада

Пред да ги претстави министрите на новата Влада, Заев рече дека премиерот, но и министрите, директорите и сите другите функционери ќе треба да ја оправдаат довербата кој им е дадена.

По експозето на мандатарот Заев, збор зема пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски кој рече дека оваа коалициона влада е „Влада на лагата“, бидејќи СДСМ ветувале коалиција без ДУИ, а ДУИ ветувале премиер Албанец.

„Денеска гледаме дека ветувањата не важат, денеска гледаме дека ветувањата важат до завршувањето на изборната кампања и дека потоа на сцена стапуваат интересите и затоа е ова коалиција на Лагата.“

Николовски исто така рече дека власта на есен ќе се соочи со бројни протести.

На 15 јули во Северна Македонија се одржаа предвремени парламентарни избори, откако за тоа во октомври се договорија лидерите на најголемите партии во земјава на средба кај претседателот Стево Пендаровски по недобивањето на датум за преговори со Европската унија. Изборите првично беа закажани за април, но беа одложени поради избувнувањрето на епидемијата на новиот коронавирус.

XS
SM
MD
LG