Достапни линкови

Последици врз здравјето и по прележан Ковид-19


Ковид-19

Над 10 илјади луѓе оздравени од коронавирусот наспроти речиси 4 илјади активни случаи е македонскиот биланс од пандемијата која веќе половина година го излудува светот. Но, за оние кои биле со потешка клиничка слика, по оздравувањето ковид-19 остава сериозни последици.

Негативниот тест на коронавирус по неколку недели битки со болеста, не значи и крај на маките. Отежнато дишење, малаксаност, изгубено чувство за вкус и мирис се дел од симптомите кои што една третина од оздравените пациенти од ковид -19 и натаму ги чувствуваат, односно по добивање на негативен тест. Според податоци од светската статистика, 60 проценти од тие кои што биле тешко болни од ковид-19 и неколку месеци по оздравувањето и натаму чувствуваат најмалку еден симптом, од кој начесто е губењето на чувството за мирис а поретко за вкус, а околу 30 проценти имаат повеќе од еден симптом и по оздравувањето. Од пулмологија неодамна изјавија дека честопати примаат пациенти по оздравување од ковид-19 кои доаѓаат со респираторни компликации.

Од Инфективната клиника пак, велат дека се уште е потребно време да помине за да може да се утври дали последиците ќе можат да се поврзат со ковид-19. Според нив, потребно е да помине 6 месеци до една година за да може да се направи конкретна анализа за тоа какви последици остава по здравјето на пациентите кои извојувале победа против коронавирусот.

Доктор Никола Пановски вели дека се уште е рано за да се утврдат повеќе работи од корононавирусот, но сепак според светската литература ковид-19 остава последици кај оние луѓе кои ја прележале болеста со средна или потешка клиничка состојба. Тој објаснува дека главоболки, отежнато дишење и малаксаност се засега најпознатите последици со кои се справуваат оздравените пациенти со потешка клиничка слика.

„Кај некои лица има такви последици кои може да траат и цел живот, кај мал број од случаите ковидот може да остави последици кои би траеле и цел живот. Ова после смртноста е втор проблем по големина кој го носи ковид-19“ вели Пановски.

Тој посочува дека дел од луѓето кои поминуваат со потешка слика, имаат полесни или потешки симптоми.

„ Околу 30 проценти чувствуваат и натаму симптоми, полесни или потешки, сега губењето на чувство за мирис како ќе го карактеризираме, непријатно е сигурно но подобро е тоа, отколку да имате малаксаност или отежнато дишење или главоболки кои траат со месеци“, вели Пановски.

Дури и со вакцина, коронавирусот нема да изчезне

Хронично болните кои заболеле од ковид-19 може да се соочат и со дополнителни здравствени проблеми и по оздравувањето затоа што овој вирус делува на имунолошкиот систем. Сериозни последици може да им остави и на луѓето кои пред ковидот имале респираторни проблеми. Според досегашното искуство, луѓето кои биле инфицирани со ковид 19 и поминале со потешка клиничка слика, имаат подобар клеточен имунитет и со тоа е помалку веројатно дека повторно би се разболеле доколку бидат во контакт со заболен, или пак доколку се инфицираат со ковид-19 овој пат е можно да поминат со полесна клиничка слика.

Пановски препорачува луѓето кои поминале низ голготата со ковид-19 со потешки симптоми да внимаваат повеќе на себе, да не се изложуваат дополнително на ризик, затоа што на имунитетот по тешката борба му е потребно време да закрепне и да се врати во првобитната состојба.

Едно од истражувањата објавено пред еден месец на германски тим на лекари покажа дека ковид-19 инфекцијата силно влијае врз кардиоваскуларниот систем, притоа сериозно влошувајќи ја срцевата функција. Овој заклучок тимот лекари го извлекле од истражување на репрезентативен примерок од 100 излекувани пациенти во универизитетската клиника во Франкфурт. На пациентите кои што имале потешка клиничка слика предизвикана од ковид -19 по лекувањето им биле направени кардиолошки магнетни резонанци. Параметрите кај овие пациенти покажуваат дека без разлика дали тие претходно имале кардиоваскуларно заболување или не, последиците од инфекцијата врз кардиоваскуларниот систем се значителни.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG