Достапни линкови

Аницин со синергија помеѓу музичката и ликовната уметност во Галерија „КО-РА“


Дело на македонскиот графичар и ликовен уметник Дарко Аницин

Десетина дела работени во интеракција и дијалог со одбирот на музика на оние кои се одзваа на повикот ја чинат изложбата „Предоживувања низ музика“ на графичкиот дизајнер и уметник Дарко Аницин што од 25 август до 11 септември ќе се одржи во малиот салон на Галерија „КО-РА“ во Скопје.

Во овој циклус остварувања, во синергија со музичките теми и фрази, делата на Аницин создаваат нова и не само визулена комуникација, туку многу подлабоко, иницираат расположение.Тие допираат до многуслојната човекова потсвест во процесот на перцепцијата и доживувањата и не само од аспект на уметноста, тие иницираат многуслоен повеќекратен дијалог и иницираат растер на нови хармонии во релација и интеракција и со сопствените расположениа ... пресоздавајќи се спонтано и во нови автентични сензации.

Ова во својот осврт меѓу другото ќе го забележи Виолета Калиќ за изложбата на инвентивниот дизајнер и уметник Дарко Аницин - „Предоживувања низ музика“, што од 25 август до 11 септември, со сите потребни мерки за превенција и заштита од Ковид-19, ќе се одржи во малиот салон на Галерија „КО-РА“ во Скопје.

Инаку, ова по „Авторефлексија низ игра“ е втор негов уметнички проект годинава и во пресрет на отворањето на поставката Аницин знае да каже дека „Предоживувања низ музика“ аналогно доаѓа по претходната ликовна поставка чија цел исто така беше да се согледа оној психо-социолошки аспект кај луѓето во однос на нивното справување со стресот.

Според него целта на овој автономен и иновативен проектот насловен „Предоживувања низ музика“ е преку мобилизирање на граѓаните од различни културни средини, да ги поттикне да размислуваат како уметноста влијае на нивната умствена и душевна состојба. Истовремено тој ги спојува визуелните уметности, поточно ликовната уметност со музичката, создавајќи антистресен механизам за справување со притисоците на секојдневниот живот. Исто така, идејата се повикува на Националната стратегија за култура 2018-2020, да се создадат услови за негување на слободата и разноликоста на сите културни идентитети.

Говорејќи за деталите на „Предоживувања низ музика“ Аницин појаснува дека овој пат наместо да се бави со текстови објавил јавен повик луѓето да испраќаат музички дела којшто во дадена ситуација им помагаат да се справат со стресот и нервозните ситуации кои во периодов во кој живееме ги имаме во изобилство. На повикот добил 40 линкови со класика, рок, хаус и некои актуелни нумери, од коишто тој одбрал 10 и слушајќи ги нив направил исто толку ликовни дела. Затоа сега ги кани учесниците во проектот и љубителите на уметноста да дојдат во малиот салон на Галерија „КО-РА“ за да ја видат таа синергија помеѓу музичката и ликовната уметност.

„Мислам дека ја најдов таа врска, таа конекција помеѓу луѓето што реагираа на мојот повик и она што потоа јас го креирав. Оваа изложба е интерактивна и би сакал заедно со луѓето, со публиката, заедно да го коментираме она што сум го создал. Затоа на самиот настан, на отворањето, овој вторник во 19 часот, ќе има и музика. Ќе бидат пуштени музичките дела коишто се одбрани и врз чија основа јас креирав ликовни дела“, вели Дарко Аницин.

Роден 1977 година во Скопје, Дарко Аницин е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во Средното уметничко училиште “Лазар Личеноски” и на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“. Повеќе од деценија и половина тој својата креативност ја изразува најчесто преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и препознатлив пред широката јавност. Создава графики, цртежи и слики од самите почетоци на своето образование до денес. За него ќе биде забележано и тоа дека има „современ, специфичен стил на творење, со истакнати и рафинирани визуелни поентирања, што од прва рака говори за неговиот графичарски манир на прецизност, чиста и јасна мисла и длабок квалитет на академски уметнички израз“.

Да спомнеме и тоа дека, по минатогодишната „Личен печат“ и неодамнешната концепциски слична „Авторефлексија низ игра“, „Предоживувања низ музика“ е трета изложба на Аницин, со која, како што вели, поради набиената агенда на галериите и изложбените простори во земјава во претстојниот период ќе ја „затвори“ оваа пандемиска 2020 година за да потем се втурне во нови визуелни ангажирани авантури.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG