Достапни линкови

ДЛУМ со „Современа скулптура“ на Скопско лето 2020


Дела на 14 македонски творци ја чинат изложбата „Современа скулптура“ на ДЛУМ, што од 20 до 30 јули, се одржува во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ.

Ана Димчевска Семенпеева, Андреј Митевски, Ангел Димовски Чауш, Вања Петрушевска Дуза, Љупчо Бојаров, Златко Бојковски, Јовица Мијалковиќ, Катерина Таневска, Перо Кованцалиев, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Филип Фидановски, Филип Цакоски и респектираниот Боро Митриќевски се македонските уметници чии дела се изложени на изложбата ДЛУМ „Современа скулптура 2020“ што од 20 до 30 јули се одржува во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ во Градскиот трговски центар во Скопје.

Оваа поставка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и годинава е дел од програмата на културната манифестација Скопско лето, а во случајов како покровители зад неа застанаа Министерството за култура и град Скопје.

Марика Бочварова Плавевска, историчар на уметност и годинашен селектор на „Современа скулптура“, во пресрет на отворањето во својот текст за изложбата пишува:

Мојата улога на селектор ја нема онаа строга линија на маркирање на високите вредности. Тие во најголема мерка се испочитувани, но и со релативизирани остварувања во кои е можна од нивна страна да бидат корегирани. Моето долгогодишно искуство вели дека треба на скоро сите да им се даде можноста за презентации во било каква форма. Сепак треба да се „казни“ и моментот на непрофесионален однос и приложување на дела со дилетански остварувања, што сега го преминуваат овој праг и се со скоро изедначени скулторски изрази и ликовни вредности. Мојот текст повеќе поседува критичарски погледи, но има и интеција да ги потврди и вредносните кодови на еден ваков тип на презентација, што треба да се практикуваат и во идните изложби.

Во продолжение од својата анализа таа наведува дека „повозрасните уметници повеќе се потпираат на сопствените децениски искуства и дека за нив како да постои одредена почит кон класичните скулптурални опции што е во функција на вклопување со уметнички предизвик, образложен како отфрлање на изолираноста на нивните креации во рамките на актуелните настани“. Потем дополнува дека „овој став важи и за помладите чии ликовни искуства се базираат не само на пренесените реторики, односно цитати на практиките на нивните професори, туку и на сопствените одлуки да ги превземат модернистичките манири на самиот медиум (од апстрактните конструкции, фигуративните аспекти, кинетичките пластички игри, нео инсталациските конципирани целини, употребата на ready-made итн.), а во содржинска смисла и акцентирање на реакцијата на Ковид 19.

Релативно новите импулси се почест знак на приложените дела, поврзани со појави што паралелно ги следат фигуративните или апстрактни искуства. Алтернативните тенденции се рефлектираат како стимулативен креативен миг битен во опусите на скулпторите што учествуваат во посакуваниот модел на конципирање наизложбата. Содржината на обмислените констелации придонесуваат постулатите на класичниот вајарскиот аспект да биде делумно потиснат, со цел да се извлече проширениот дискурс на значењата на делата, истакнува Бочварова Плавевска.

Традиционално на изложбата „Современа скулптура“ на ДЛУМ се доделува и наградата „Боро Митриќевски“, а нејзин добитник годинава е уметникот Перо Кованцалиев.

- Ми претставува огромна чест и задоволство што сум добитник на оваа награда која го носи името на истакнатиот скулптор Боро Митриќевски и која ја доделуваат неговото семејство и ДЛУМ. Признанието се доделува во една значајна категорија за мене а тоа е современата скулптура. Со оваа изложба ДЛУМ останува посветен кон мотивирањето на нас помладите уметници и ја поддржува нашата нова компонирана продукција. Моето дело кое е наградено на оваа изложба „Ирационалн бранови“ претставува еден кинетички објект кој иронично го опева технократскиот симбол во конзумирачкото општество. Прави едно соочување со секогаш присутниот идол за надминување на човечката немоќ која е наметната во сите сфери на секојдневното делување, вели Кованцалиев.

Тој и со дополна оти се надева дека изложбата ќе биде посетена и дека на неа љубопитните очи на заинтересираните и на проследувачите на уметноста ќе можат да го видат неговото дело и да се соочат со него, а упатува и благодарност до сите инволвирани во организирањето на поставката и семејството Митриќевски.

Инаку, роден во Гевгелија 1982 година, Перо Кованцалиев најнапред завршил училиште за применета уметност во Скопје и потем дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на одделот за вајарство. Член е на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија и на ДЛУМ од 2012 година, за зад себе има голем број на самостојни изложби, групни поставки и колонии во земјава и во странство. Покрај актуелното високо признание „Боро Митриќевски“, добитник е и на првата награда на конкурсот за идејно решение за спомен обележјето „Свети Климент и Наум Охридски“ на општина Центар во Скопје во 2009 година.

Инаку, Кованацалиев е мултидисциплинарен уметник кој работи низ повеќе визуелни медиуми и пракси ( скулптура, сликарство, графика, кинетика, инсталации, дигитални медиуми, видео, фотографија...). Негов главен интерес е следењето на општествените промени, како локалните така и глобалните, каде што својата визуелна интерпретација ја преточува во еден вид на коментар кој е во прилог на одржливиот развој на животната средина, каде човекот ја има најважната улога.

Конечно. изложбата поединечно или најмногу во група од двајца ќе може да се посети според работното време на Галеријата односно од понеделник до петок од 11 – 18 часот и во сабота од 10 – 15 часот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG