Достапни линкови

Нова влада, стар штоф


Средба на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, за формирање Влада

Со сите предизвици кои ја очекуваат идната влада, нема воопшто да и биде лесно, дури и ако ја предводат, како што најавуваат коалиционите партнери „квалитетни, отчетни и одговoрни кадри“, се коментарите на аналитичарите Селими и Кржаловски, по договорот дека новата влада ќе ја состават СДСМ и ДУИ.

На новата влада и престојат сериозни предизвици – справување со пандемијата на коронавирусот, економската криза, предизвиците што ги носи стартот на преговорите со ЕУ, како ќе се справи со сето тоа ќе зависи од кадровските решенија што ќе ги постават, но и од искреноста и посветеноста на владата кон предизвиците, вели аналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб.

Парламентарното мнозинство е доста тенко и ќе биде релативно предизвикувачки да се воспостават посериозни реформи, вели Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓуетничка соработка(МЦМС). Тука останува и стариот проблем на функционирање на оваа коалиција, вели Кржаловски.

Ако сакате да ги промените работите, не може да продолжите да ги правите на ист начин е една стара мудрост која важи и во овој случај, вели Кржаловски.

„Ова е потполно истата и коалиција и комбинација и не би се изненадил и многу од министерските места да бидат пополнети од истите луѓе, така што мислам дека тешко дека може да се очекува нешто драматично различно и ново во функционирањето на владата од она што досега беше пракса“, вели Кржаловски.

Еден од принципите на кои ќе се темели старо-новата коалиција е тоа дека во сите ресори ќе предложат „квалитетни, одговорни и отчетни кадри од двете страни“.

Кржаловски вели дека тоа е првата и очигледна контрадикција во сето ова што се случува и како се стигна до оваа влада и покрај сето тоа што требаше да се проголта и од едните и од другите за време на кампањата, па се спуштија секирите за да се смират односите иако е јасно кој што мисли за другиот.

„Тешко може да се очекува од кадри за коишто се изјавиле дека се корумпирани или криминогени или слично сега да очекувате што било различно да направат и пак ќе речам лично би се изненадил да има многу нови лица на министерските позиции“, вели Кржаловски од МЦМС.

Аналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека реториката во програмските определби што ги договорија СДСМ и ДУИ ја гледа во контекст на тоа што и двете партија отстапија од едни од главните предизборни ветувања: СДСМ дека ќе ја испрати ДУИ во опозиција, а ДУИ од ветувањето за Албанец премиер.

„Што се однесува до кадрите, сепак мислам дека нема да има големи изненадувања, поради тоа што тие сепак ќе бидат партиски решенија и партиски членови, така што се надевам дека барем во нивниот профил ќе се најде соодветно министерство за раководење, меѓутоа сепак не очекувам големи изненадувања што се однесува до кадрите“, вели Селими.

Во идната Влада нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Во сегашната влада има четворица вицепремиери плус седум министри без ресор. Во владата има 16 министерства, а 23 министри.

Ветувањата за помалку министерства (не) остварливи

Аналитичарите велат дека најавите за намалување на бројот на министри се добри, но дека тоа нема многу да го промени начинот на практикување на власта.

„Тоа е чекор во добра насока, но моето мислење е дека треба да се преполови бројот на министри, исто и бројот на пратеници, ако веќе тргнуваме во такви реформи, а да се заврши со преполовување на јавната администрација“, вели Кржаловски.

Селими вели дека министрите без ресор беа употребувани како амортизација за задоволување на барањата на помалите партии во владата.

„Укинувањето на овие министри нема да значи ништо во смисла на подобрување ниту пак во смисла на дополнителен негативен ефект во квалитетот на владеењето. Македонија и така има голема влада и без министрите без ресор, а од друга страна е очајна за добро владеење“, вели Селими.

Заев на прес-конференцијата на која ја потврди старо-новата коалиција рече дека ќе се работи на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20 отсто, а најави и дека во првите шест месеци од владеењето ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор, кои со години иако се вработени, останаа нераспоредени во државните институции, а земаат плата.

Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети се договорија- Заев да биде премиер, техничката влада која функционираше сто дена пред избори според Договорот од Пржино да се укине, а сто дена премиер ќе биде по предлог на ДУИ и тој нема да биде технички, како досега што беа Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ и Оливер Спасовски од СДСМ.

Инаку како што е познато, не добивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени поради избувнувањето на здравствената криза предизвикана поради корона вирусот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG