Достапни линкови

Израел и ОАЕ воспоставуваат целосни дипломатски односи со посредство на САД


Знамињата на ОАЕ и Израел во форма на срце

Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денеска се согласија да воспостават целосни дипломатски односи, потег што беше поздравен како историски чекор што ќе го унапреди мирот на Блискиот Исток. Со договорот, на кој посредуваше и американскиот претседател Доналд Трамп, ОАЕ станува првата земја од Персискиот Залив која воспоставува целосни дипломатски односи и само трета арапска земја која има активни дипломатски односи со Израел.

Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Шеик Мохамед Бин Зајед од ОАЕ се согласија за целосна нормализација на односите меѓу Израел и ОАЕ, стои во заедничкото соопштение, во кое се наведува дека тоа ќе го поттикне економскиот раст во регионот и ќе овозможи поблиски односи меѓу луѓето.

Делегациите од Израел и ОАЕ ќе се сретнат во наредните недели да потпишат низа билатерални договори за инвестиции, туризам, директни летови, безбедност, отворање амбасади и други прашања.

Трамп на Твитер напиша дека ова е огромен успех и историски мировен договор меѓу пријателски земји на САД.

Во изјава за медиумите во Белата куќа тој рече дека „мразот е скршен“ и оти очекува повеќе арапски и муслимански земји да го следат тој чекор.

Израел го поздрави договорот како „голем ден за мирот“, а ОАЕ дека ова е победа на дипломатијата која ги намалува тензиите во регионот.

Амбасадорот на ОАЕ во Вашингтон, Јусуф Ал Отаиба на Твитер напиша дека договорот ја одржува можноста за решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт, зашто според договорот треба да запре анексијата на територии кои Палестинците ги сметаат за дел од нивната идна држава.

Палестинското исламистичко движење Хамас го осуди договорот.

„Нормализацијата е нож во грбот на нашиот народ“, рече портпаролот на Хамас Фавзи Бархум, според кого ова е „награда за злосторствата од израелската окупација“.

XS
SM
MD
LG