Достапни линкови

СДСМ продолжува со преговорите, ВМРО-ДПМНЕ прашува со кои партии обезбедиле мнозинство


Зоран Заев, Зијадин Села, Билал Касами, Христијан Мицскоски и Али Ахмети

СДСМ денеска повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцираат, ќе обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.

Новата влада, потенцира партијата, посветено ќе се зафати со борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа. Дополнуваат дека изминатите две и пол години ги создадале сите услови, го донеле Законот за јавно обвинителство, кој гарантира дека политиката не може да се меша во судските одлуки, а сите предмети за висока корупција мора да имаат судска разрешница.

Oд опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повикаа СДСМ да каже со кои партии обезбеди мнозинство и кој ќе биде премиер

„СДСМ со својата влада изминативе години донесе само корупција, криминал и хибриден режим. Наместо СДСМ да ги лаже граѓаните преку бледи и стерилни соопштенија, нека одговори со кои партии ќе обезбеди мнозинство и кој ќе биде премиер“,наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакција на соопштението од СДСМ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на денешната прес конференција изјави дека имаат комуникација со сите партии, но не наведе повеќе детали за како што рече, да не им наштети на процесите.

По конституирањето на Собранието во вторникот, во тек се преговорите за ново парламентарно мнозинство, но засега нема официјална информација за договор, освен дека партиите преговараат. По средата на лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, вчера средба имаа и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски и организацискиот секретар на ДУИ Артан Груби, кои имале конструктивна дискусија и разговарале за парламентарно мнозинство и за коалиција за полн, четиригодишен, стабилен мандат.

Средба со Ахмети имаше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изјави дека ќе се обиде да обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да формира влада, но не по секоја цена.

XS
SM
MD
LG