Достапни линкови

Деветнаесет години од нападот кај Карпалак


Денеска се одбележуваат деветнаесет години од нападот врз конвојот на АРМ во кој беа убиени десет воени резервисти кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово.

Бројни делегации, бранители и претставници на дипломатскиот кор денеска ќе ја посетат локацијата на трагичниот настан кај месноста Карпалак, каде ќе положат цвеќе пред спомен плочата. Одбележувањето на годишнината почна вчера со положување цвеќе пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.

На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите.

Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови. Конвојот одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската која била сместена таму.

XS
SM
MD
LG