Достапни линкови

Пендаровски: Да не дозволиме европската интеграција да остане далечна


Претседателот Стево Пендаровски

Интензивна економска соработка, регионални пакет-мерки за социо-економско закрепнување од пандемијата на Ковид-19, се меѓу заклучоците на дискусијата на лидерите и учесниците од шесте земји од регионот на денешниот виртуелен самит, организиран од Атлантскиот Совет на САД, посветен на економската интеграција на Западен Балкан, на кој учествуваше претседателот Стево Пендаровски.

Учесниците, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се согласиле дека преку зајакната економска соработка, слободно движење на луѓе, добра и услуги, ќе се придонесе кон побрзо социо-економско закрепнување на регионот, ќе се зголеми неговата конкурентност, а ќе биде и попривлечен за влез на странски инвеститори.

Пендаровски истакнал дека земјата во целост ги поддржува предлозите за регионална соработка и во таа насока посочил дека економската агенда треба да има приоритет пред политичките или безбедносните прашања, кои долго време беа предмет на дискусија во регионот.

„Не смееме да дозволиме европската интеграција да остане далечна, затоа што ситуација кога нема напредок на европскиот пат не е поволна за развојот на Балканот“, порачал Пендаровски.

Регионалната соработка, според него, може значително да придонесе за подобрување на економските параметри на земјите, за полесно да се справат со миграцијата.

На видео самитот учествуваат и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, косовскиот премиер Авдулах Хоти, претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ.

Настанот беше организиран од Атлантскиот совет, тинк-тенк организација од САД, во соработка со партнери од Владата на САД, Европската комисија, Европската служба за надворешни работи и други меѓународни партнери на Атлантскиот совет.

XS
SM
MD
LG