Достапни линкови

Конститутивна седница ќе има, здравјето на Џафери стабилно


Собранискиот спикер Талат Џафери

Кабинетот на претседателот на Собранието денеска информираше дека здравстевната состојба на собранискиот спикер Талат Џафери е стабилна и тој одмора по препорака на лекарите, и додаваат дека неговите државни обврски ќе бидат извршени во законски рок.

„Здравствената состојба на претседателот на Собранието Талат Џафери е стабилна. Со оглед на интензивните активности што ги имаше во текот на изборната кампања по препорака на лекарите неопходен му е одмор и мирување“, посочуваат од кабинетот на Џафери и додаваат дека тој неколку пати бил тестиран и е негативен на Ковид-19.

Џафери минатата недела беше хоспитализиран на Инфективната клиника заради системска контрола.

Од Кабинетот засега не потврдуваат дали Џафери ќе оди во Крушево за прославата по овод Илинден како што претходно беше најавено, ниту кога ќе ја закаже конститутивната седница на новиот собраниски состав, но укажуваат дека се ќе биде направено согласно роковите од Уставот и собранискиот Деловник.

Според Уставот, тој треба да ја закаже конститутивната седница најдоцна до 4 август. Ако не биде во можност тоа да го стори, таа улога му припаѓа на најстариот пратеник во новиот собраниски состав.

XS
SM
MD
LG