Достапни линкови

Театарот моментално е замрен


Арсовска – Се „пензионирам“ од Синдикатот, се враќам на глумата
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:34 0:00

Арсовска – Се „пензионирам“ од Синдикатот, се враќам на глумата

Нема актер кој во моментов не се чувствува како да е неправедно осуден, вели актерката и водачот на СКРМ Сања Арсовска во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Со неа разговараме за театарот во време на светска пандемија, неговата иднина и за синдикалната борба.

Сања Арсовска е актерка во Драмски театар Скопје и претседател на Синдикатот на културните работници на Македонија. Навидум нежна, но со силна енергија која блика од сцената и искри во очите кога исправена чекори во битките за синдикални права. Модерна жена која верува во себе, своите квалитети и потребата да се исчекори понапред. Личност која си го знае своето место и без компромисно си го бара својот простор овде и сега, во оваа и ваква наша држава во која од поодамна се изместија вистинските вредности и политиката бесрамно им го украде местото на вистинските градители, на уметниците.

Родена 1986 година во Штип, Сања Арсовска дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности Скопје. Од 2013 година е вработена во Драмски театар Скопје, а покрај настапите на матичната сцена, соработува и со другите театри и на независната театарска сцена во земјава.

Зад себе ги има улогите во претстави како „Сон на летната ноќ“ (2008); „Кавкаски круг со креда“ (2013); „Огнени јазици“ (2010); „Безљубни“ (2015), „Бог на масакрот“ и „Странци“ (2018), „Крал Иби“ ... играла во филмовите „Трето полувреме“ (2012) и Балканот не е мртов (2013), а најмладите ја препознаваат по ликот на Лина во серијалот за деца „5+ фамилија“ на ОХО-продуција.

За улогата на Ленче во претставата „Бегалка” во продукција на НУ Театар Куманово на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп , 2008) добитник е на наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“.

Арсовска, повеќе од четири месеци театрите се затворени за публиката. Какво е чувството да не се биде на сцена, да не се живее театарот?

Ќе бидам искрена – чувството навистина е тешко. Мислам дека нема актер кој во моментов не се чувствува како да е неправедно осуден, а некако сите не погоди ова како да не можеме да си го оствариме правото на извршување на работни задачи. Веќе четири месеци, со исклучок на една изведба којашто, на сцена но виртуелно, ја имавме овде во Младински културен центар заедно со „Црнила ремикс“, освен таа претстава немавме ниту една друга. Театарот моментално е замрен. Замрени се и повеќето културни институции и, за жал, се уште немаме протоколи за работа. Бидејќи официјално заврши и сезоната, се надевам дека од септември ќе се сфатат нештата посериозно по прашање на културната и уметничката сцена.

Во државава се отворија рестораните, обложувалниците ... еве полека со работа почнуваат и галериите и музеите. Каков е вашиот став кон таквиот след на настаните и кои се вашите очекувања за претстојниов период?

Не сум експерт за ковид-19 за да знам што е избрзано, а што не. Она што можам да кажам е дека можеби тие бизнис заедници, односно угостителските заедници или заедницата на обложувалници се некако погласни во остварувањата на нивните права. Јас разбирам дека и тие имаа економски штети, дека целата држава имаше голема економска штета, но она што фали во културата е вистински застапник на уметниците и културните работници во Министерство за култура за да се избори за и ние да добиеме некаков протокол, а со тоа и да отпочнеме со извршување на нашите работни задачи. Не мислам дека е така комплицирано, постојат различни протоколи, постојат начини на коишто ќе се заштитат и вработените, односно актерите кои нормално, пожелно е да играат на сцена без заштитна маска, а за публиката убедена сум дека е полесно да се реши. Не е во прашање дали има решение, туку дали има волја. Некако имам чувство дека Министерството е инертно по тоа прашање и затоа останаа театрите последни коишто ќе се отворат.

Во изминатиов период имаше обиди театарот како уметност да се обиде да заживее во виртуелниот свет. Деан Дамјановски и Нела Витошевиќ со вашите колеги во Велешкиот театар и театарот Вондерленд направија обид на овој начин да стигнат до публиката. Каков е вашиот став како актерка кон иднината на театарот? Кон театарот воопшто? Конечно каков треба да биде театарот на иднината?

Прво да кажам дека Велешки театар беше, односно се уште е, еден од ретките театри којшто во време на пандемијата и во време кога немаме протоколи функционира и се обиде да направи некакви он-лајн епизодни едночинки...или како и да ги наречам. Исто и Кумановски театар ги имаше раскажувањата на приказни за деца. Сепак, тоа што го направи Нела Витошевиќ беше нешто сосема поинаку. Нешто што со себе донесе некаков поинаков стандард и естетика, нешто за што може да се рече дека е целокупна претстава. Е, сега дали театарот треба да се одвива во он-лајн насока – не, но дали театарот во време на ковид-19 треба да најде нови облици – да, и тврдам дека е така. Доколку од есен, односно откако ќе започне новата сезона, а се уште немаме услови за да се отворат театрите, мислам дека ќе биде должност сите театри во земјава да направат барем по една он-лајн претстава до крајот на годината. А, секако дека тоа не ја менува првобитната улога на театарот, постоењето на театарот, публиката којашто е присутна...но дека мораме да најдеме начин како поинаку да го оформиме театарот, да му дадеме некаква форма притоа користејќи ги технолошките придобивки на 21 век, ДА – треба да го сториме тоа. Колку и да сме свесни дека технологијата е многу злоупотребена и многу ни штети во денешно време отколку што имаме некаква корист во денешно време од неа, во прашање на театар, сега сфаќам дека имаме некаква придобивка. Порано театарот се користел како медиум којшто праќа некаква порака, критика...освестува, менува јавно мислење, било различно со тоа што пред 500 – 600 години технологијата била друга и медиумите биле други ...сега информацијата патува многу бргу и театарот малку доцни по тоа прашање, сепак театарот неизоставно треба да ги следи технолошките достигнувања.

Очекувате ли дека би се појавила некоја хибридна форма во која живата игра на сцена би била органски поврзана со технолошките достигнувања и комуникациски врски?

Да. Апсолутно. Тоа и треба да се случи. Ние она што не треба да направиме е да останеме апатични во ова време и да бидеме инертни. Да чекаме некој друг да ни каже нешто. Треба сите да се втурнеме во истражување на нови форми. Нормално се со цел да си ја задоволиме нашата желба за игра, а и да покажеме дека ние уметниците кој што важиме за креативни луѓе и некаква авангарда во општеството знаеме и во време на корона, во едни вакви услови, да дадеме некаков сериозен продукт.

Драмски театар ги затвори вратите за публиката по една исклучително убава и силна серија на претстави за кои публиката бараше карта повеќе? Што понатаму од аспект на актер кој играше во добар дел од тие претстави?

На задоволство на нас актерите репертоарната политика во Драмски е сменета во однос на претходните години. За жал за последната претстава „Мојот маж“ имавме само пред премиера, премиера и една изведба која беше на 28 февруари...и чувството кое ние актерите го носиме е дека со Нела Витошевиќ направивме едно поместување не само во смисла на една естетска амбиција што треба да ја носи театарот. Таа претстава не е значајна само за Драмски театар, таа претстава е различна од сè што се поставило во македонскиов театар и таа претстава е едно ново движење во театарот, според мене и според нас. Можеби и за таа претстава најмногу не боли затоа што сите работевме со секој атом од нашето тело. Така се соголивме едни пред други, се соголивме пред публиката, претставата е различна од повеќето претстави, и затоа највеќе ни е болно тоа што не ја играме претставата која, за жал, и не успеа да заживее. Значи, штотуку се роди претставата и сега не можеме да и го дадеме тој живот што несомнено го заслужува. Да прозбори, да прооди, да прошета, едноставно да живее.

Во меѓувреме вие лично бевте дел од екипата која во уште една пригода, веќе во регионални рамки, ја одигра одличната „Црнила ремикс“ на Јордан Симонов, претставата која има винилно издание и чиј живот и наспроти овие и вакви услови не може да замре. Каков е вашиот однос кон ваквите вонинституционални проекти? Колку се тие добри за развојот на еден актер?

Од секогаш сум била расположена да експериментирам и да се пробам некаде во некои полиња кадешто не сум била претходно. Тоа од една страна ми создава страв, а од друга неверојатна возбуда. Во „Црнила – ремикс“ влегов тотално наивно. Никогаш порано немам рапувано. Не дека имам големи парчиња, но едноставно беше возбуда да се научи како се прави тоа, како математички да се изведе ...И затоа среќна сум што го имаме тој продукт којшто не е ни театарска претстава, не е ни концерт ...туку некаков посебен музичко-театарски перформанс кој во меѓувреме стана доста препознатлив на балканските простори.

Веќе долго сте и во еден проект кој од поодамна ги надмина локалните рамки - „5+ Фамилија“. Какво е чувството да се работи за најмладите, за оние на кои им е најмногу потребна правилната едукација и конечно дали сметате дека на ова поле, со останатите продукти како „Биби“...изданијата на „Чудна шума“, слободно можеме да кажеме дека го држиме чекорот со светот?

Јас не можам да кажам дека Лина во „5+“ ми е само улога. Мене Лина ми е некаков модел, второто јас. Лина во „5+“ е она што сум јас и вредностите коишто ги поседувам и сакам да ги пренесам на помладата публика. Јас сум среќна што постои „ОХО продукција“ и „5+ фамилија“ којашто низ забава успева да изврши едно неформално образование на младите и само ако внимателно младите следат и учат од „5+“ јас верувам дека ќе имаме едни многу по совесни и одговорни генерации.

Згора на тоа сметам дека се појавија многу детски проекти во изминатиов период коишто се на едно повисоко ниво. Дека се поставени едни рамки и стандарди и сега е потешко да се рушат. Кога имате еден продукт кадешто воспоставувате некакви вредности, ги образувате децата да се насочат кон вистински вредности ...кон зачувување на животната средина, прифаќање на различностите, да немаат однос кон она религиско, етничко, националистичко ...значи да бидат апсолутно слободни, сето она што сите ние го имаме заборавено низ годините а се вредности коишто јас сметам дека треба да бидат пласирани во јавноста и треба реално постојано да бидат присутни.

Овде полека доаѓаме на теренот на синдикалната борба. Деновиве работниците во културата треба да ја примат првата плата по примената на Колективниот договор. Го сметате ли тоа за успех на Синдикатот и може ли да се каже дека во изминатиов период државата, власта, како полека да се прпелка околу идејата за поинакво поимање на културата кај нас?

Ова е победа на Синдикатот и на сите вработени во културата. И не мислам дека е ова некаква моја лична победа. Некако не сум навикната себе да си ги припишувам заслугите, затоа што јас во оваа синдикална борба не влегов заради некаков си статус или некаква позиција. Влегов за да го искористам мојот капацитет и да се изборам за реално заеднички да ги решиме проблемите во културата. Затоа ова и не го сметам за свој личен успех. Можеби повеќе за свој личен влог и за еден вид голема жртва што сум ја дала во изминатите две ипол години. Ќе речам дека беше исклучително тешко. Последниот Колективен договор е потпишан во 2005 година, но тој никогаш не е спроведен и за овие 15 години се случиле такви манипулации и малверзации, противзаконско работење, еден тотален хаос по прашање на работничките права, делење на решенија како некој мисли, селективност при вработување и напредување...и малку е ако кажам дека беше тешко. Можам да кажам дека една цела наука требаше да се примени зад да се подобрат нештата. Се работи за 330 работни места што треба да ги уредите во еден Колективен договор. Ниту еден сектор о државата не брои 330 работни места.

Што е она што идна заложба останува исправено пред Синдикатот на културните работници? До кога планирате да останете со овој ангажман и дали воопшто сте помислиле дека вашето искуство во синдикалната борба би било можеби полезно да се искористи во делувањето на државните институции. Кој е вашиот однос кон политичкиот ангажман?

Колективниот договор е потпишан и мора да се спроведе. Ако Министерство за култура тоа не го стори ние ќе поднесеме тужба. Кога влегувате во оваа битка не секогаш ви се јасни работите. Можеби јас малку сум идеализирала и романтизирала како сето тоа изгледа. Како тоа ние ќе се обединиме сите, како заедно ќе застанеме зад нашите работнички права, како ќе се избориме сите заеднички... за да сфатам на крај дека тоа треба да го направат тројца-четворица во име на Синдикатот, во име на ресорното Министерство и во име на Владата. Е, сега кога имате во тој социјален дијалог еден здрав преговарач од другата страна може лесно да постигнете некаков договор. Морам да нагласам дека во Министерство за култура владее една тотална анархија. Не се знае кој кому е надреден, кој кажува ... секој е со различно мислење, некако улогите се измешани...и затоа пак ќе речам дека нас ни фали реален застапник. Јас би продолжила да се борам со Синдикатот доколку ние имаме вистински застапник во културата. Доколку немаме навистина не гледам зошто Синдикатот на култура би ја вршел улогата на Министерство, на некој којшто постојано е дежурен и постојано детектира што е проблемот, што треба да се реши и како треба да се реши. Затоа мислам дека треба да се „пензионирам“. Видете, влегов во ова апсолутно волонтерски. Сите ние што сме во Синдикатот го работиме тоа волонтерски, а реално ни одзема многу време и енергија, така што сфатив дека енергијата наместо да ја трошам на една креативна работа, мојата најубава професија глумата, јас ја трошам на решавање на некакви проблеми, а од другата страна нема никаков слух за нив и не доаѓаат никакви решенија. Така што мислам дека сега откако ќе профункционира Колективниот договор е време да си се повлечам. Нормално СКРМ ќе продолжи со својата синдикална борба и ќе се најдат нови водачи коишто ќе ги решаваат проблемите кои патем постојат и покрај потпишувањето на Колективниот договор. Далеку од тоа дека тој е идеален. А, јас ќе и се вратам на својата професија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG