Достапни линкови

Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе протестираат против изборни злоупотреби


Арбен Таравари

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари изјави дека заедно со Алтернатива идниот понеделник ќе одржат протестен марш со пораката „Доста е“, со цел да го изразат револтот против злоупотреба на гласовите и полнење на кутиите на изборите.

Тој за ТВ 24 рече дека протестот ќе почне од скопски Чаир, а предвидено е да заврши пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и пред Државната изборна комисија.

Таравари вели дека располагаат со имиња и презимиња дека гласале починати, а за тоа била информирана и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Таравари рече дека е извршена брутална кражба на гласови во албанскиот блок, а жалбите до Управен суд им се однесуваат на Петтата и Шестата изборна единица. Тој исто така не очекува дека ќе им бидат прифатени жалбите од Управниот суд.

Интегра и Алијанса за Албанците поднеле тужби до Управниот суд

На прашањето околу преговорите за формирање Влада, Таравари рече дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламентарното мнозинство, повторувајќи го ставот на партиското раководство дека по 18 години треба да се случи промена кај албанскиот политички блок.

Алијансата за Албанците и Алтернатива на изборите на 15 јули освоија 12 пратенички места, според првичните резултати на ДИК.

XS
SM
MD
LG