Достапни линкови

Над половина од гласачите го оствариле своето право на глас


Предвремени парламентарни избори 2020

До 20 часоти и 45 минути на гласање излегле 50,86 отсто од гласачите, соопшти ДИК. МВР постапува по пријавени настани поврзани со изборите. Изборниот ден поминуваат мирно, без поголеми неправилности, нотираат набљудувачите. За 120 места во парламентот се борат 15 политички субјекти, најголем дел од нив новоформирани партии и коалиции. Право на глас имаат 1.814.263 гласачи. Поради пандемијата на коронавирусот се гласа два часа повеќе, односно до 21 часот.

Излезноста на предвремените парламентарни избори до 20:45 часот изнесува 50, 86 отсто, соопшти Државната изборна комисија.

Според податоците што ги објави на прес-конференција претседателот на ДИК Оливер Дерковски, најголема излезност има во Четвртата изборна единица – 59,79 проценти, а најмала и понатаму останува Шестата изборна единица со 39,23проценти.

Во Првата изборна единица излезноста е 52,17,во Втората е 47,97 проценти, во Третата 57,31 и во Петтата 50,16 проценти.

Претседателот на Комисијата, Оливер Деркоски оцени дека изборниот ден поминал во најдобар ред, со мали спорадични инциденти. Деркоски вели дека излезноста со оглед на ситуацијата, е задоволителна.

„Денешниот изборен ден помина во исклучително комплицирана сложена ситуација, меѓутоа помина одлично, со мали исклучоци кои во текот на денот заедно со вас ги расправавме. Можам само да им честитам на граѓаните за изразениот демократски капацитет кој го покажаа во овој изборен ден“, рече претседателот на ДИК.

Како што информира Деркоски, до ДИК пристигнале неколку претставки за евентуално нарушување на изборниот процес и неколку приговори во смисла на повреда на избирачко право и на изборен молк, но, посочи, тоа не е нешто посебно што може да го наруши целиот изборен процес.

Пријави за изборите имало и до Министерството за внатрешни работи. Од МВР потенцираат дека се работи за добиени пријави по кои постапуваат, односно ја утврдуваат фактичката ситуација и откако ќе се утврдат фактите соодветно ќе информираат. Има пријави за агитација на неколку места во земјава, дека се делат пари за гласање, организирано се носат гласачи на избирачки места, се попречува гласање, има пријава дека неколку лица ги фотографираат луѓето што влегуваат на гласачко место.

МВР исто така соопшти дека по претходна пријава за нудење пари за гласање во Битола, не биле потврдени наводите. Не биле потврдени наводите ни дека имало агитација пред ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп.

МОСТ: гласањето без неправилности, одзивот меѓу 20 и 34 отсто

Набљудувачите на граѓанската асоцијација МОСТ не забележале неправилности.

Од Цивил, кои исто така ги мониторираат изборите, констатираат дека првите шест часа од изборниот ден поминуваат мирно, без посебни инциденти или поголеми проблеми во гласањето.

Граѓаните избираат нов пратенички состав

Граѓаните гласаат на предвремените парламентарни избори на кои треба да изберат 120 пратеници, кои ќе бидат дел од десеттиот парламентарен состав.

Првите избори за пратеници во Собранието беа одржани во 1990 година, потоа избори имаше во 1994, 1998, 2002, 2006, 2008, седмите избори беа во 2011, осмите во 2014, а деветтите се одржаа во 2016 година.

Од осамостојувањето досега граѓаните гласале и на шест претседателски избори, седум локални и на три референдуми.

Изборите на 15 јули се петти предвремени парламентарни избори од независноста на државава. На овие избори учествуваат 1.578 кандидати од 15 коалиции и партии.

Изборите доколку беа редовни требаше да се одржат на 11 декември, но одлуката да се одржат предвреме уследи откако минатиот октомври земјата не доби датум за почеток на преговори и покрај тоа што го смени името на државата. Потоа лидерите на партиите на средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски се договорија предвремени избори да се одржат на 12 април. Но поради пандемијата на коронавирусот изборите беа ставени во мирување, а за нов датум беше избран 15 јули. Поради пандемијата изборите се видоизмените, па наместо два дена се гласа три, наместо до 7 до 19, изборниот ден е продолжен за два часа, односно до 21 часот, а се гласа и според посебни здравствени протоколи со заштитна опрема и на дистанца.

Два циклуса по ред парламентарните избори ги организира техничката влада, според Пржинскиот договор кој беше постигнат за излез од политичката криза во земјата во 2015 година. Последната техничка влада, во која партиципираат и министри и заменици министри од најголемата опозициска партија, беше изгласана на 3 јануари, односно сто дена пред одржувањето на изборите, кои првично беа закажани за 12 април.

Гласаат позитивните на ковид-19 и луѓе во изолација

На првиот изборен ден, 13 јули, гласаа заболените од ковид 19 и луѓето кои се наоѓаат во изолација поради пандемијата. За гласање се пријавиле 823 луѓе, од нив Државната изборна комисија ги прифатила барањата на 759 луѓе. Од прифатените барања 723 го искористиле своето право на глас, останатите 36 не го сториле тоа.

На вториот изборен ден гласаа болните, немоќните, хронично болните лица, кои гласаат во своите домови, како и затворениците, лицата во домашен притвор, во старските домови и шестмина внатрешно раселени лица.

Резултатите од гласањето во првите два дена не се објавува веднаш, ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до завршување на гласањето на 15 јули.

Право на глас имаат 1.814.263 гласачи

Државната изборна комисија (ДИК) го заклучи Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 15 јули и право на глас на изборите ќе имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи (1.814.263).

Во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица. На посебниот список на лица кои се иселиле или работат во странство има запишани 83.054 гласачи. Во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени лица. Гласачите се поделени се во шест изборни единици, а во нив, општина со најголем број гласачи е Куманово со 93 илјади 600, а општина со најмал број гласачи е Лозово – помалку од 2 илјади.

Избори се организираат на 3. 750 избирачки места. Деведесет од предвидените места нема да се отворат бидејќи имаат помалку од 10 гласачи.

На 15 јули нема да може да се гласа без заштитна маска. Маската накратко не треба да се тргне за да може членовите на избирачкиот одбор да го идентификуваат лицето кое гласа. Секој гласач е должен да држи растојание од 1,5 до 2 метра пред објектот и влезот на самото гласачко место. Пред влегување и на излегување од гласањето, граѓаните ќе мора да ги дезинфицираат рацете. Редот за гласање се формира надвор од просторијата за гласање во согласност со безбедносните протоколи, со дистанца од два метра.

Гласачите не треба да носат заштитни ракавици. Тоа е задолжително за членовите на избирачките одбори.

ДИК е должна пред и после завршувањето на гласањето во просторите да го дезинфицира секое избирачко место. Просторијата во која ќе се гласа треба да биде со отворени прозорци или да се проветрува секој час. Во просторијата ќе биде дозволено да бидат присутни најмногу онолку гласачи колку што има паравани за гласање.

На овој начин, од ДИК велат дека ќе се обезбедат сите услови за безбедно гласање и ги повикаа граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита.

Како се гласа?

Со важечка лична карта или пасош граѓаните кои гласат денеска треба да заокружат еден реден број на гласачкото ливче. Ако поради некоја причина се прекине гласањето на едно избирачко место истото може да се продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но ако тој е подолг од 3 часа во тоа избирачко место не може да продолжи гласањето. Според изборниот законик, со глоба од 750 до 2.250 евра ќе биде казнет оној што ќе се обиде да гласа во име на повеќе луѓе.

На избирачкото ливче граѓаните тајно треба да заокружат само една од 15-те понудени опции. На ливчето освен да се заокружи саканите реден број не смее да се интервенира на друг начин, оти така ливчето може да стане неважечко.

Пратеничките столчиња ќе бидат пополнети по Донтовиот метод, односно мандатите ќе се распределат според принципот на пропорционална застапеност, користејќи го највисокиот просек на освоени гласови.

Поинаква кампања

Изборната кампања започна на 24 јуни година и траеше 20 дена. И изборната кампања се одвиваше според посебни протоколи, без масовни собири, големи митинзи и одење од врата на врата на гласачите. Сите учесници на изборите ги користат социјалните медиуми и медиумите за да допрат до гласачите.

Парламентарни избори среде корона-криза се одржаа во Јужна Кореја и во Франција. А од земјите во регионот избори имаше во Србија и во Хрватска. Во Полска пак се одржаа претседателски избори.

Лични карти можат да се подигнат и на 15 јули

Министерството за внатрешни работи соопшти дека управните служби при МВР на територијата на целата држава, на денот на изборите (среда, 15 јули) ќе работат само за подигнување лични карти, во периодот од 7 до 19 часот.

Од МВР потенцираат дека целта е да им се овозможи на граѓаните кои претходно поднеле барање да ги подигнат личните карти и да можат да го остварат правото на глас.

Од МВР велат дека се подготвени за успешно спроведување на изборите. Штабовите се формирани и се во функција на спроведување на мерките и активностите изборите да поминат во најдобар ред, велат од МВР.

Следете ги здравствените протоколи за изборниот процес

Изборите ги следат 2550 домашни и 102 меѓународни набљудувачи

Изборите ги следат 2550 домашни набљудувачи. Невладината МОСТ има 1253 набљудувачи, АКСИОС 2017 со 830, потоа Цивил -315, Инклузива Куманово – 86, Национален ромски Центар – Куманово - 38 набљудувачи, Институт за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, Скопје со 15, потоа Заедно можеме – Гостивар со 9 набљудувачи и Македонски центар за култура и развој со 4 набљудувачи. Парламентарните избори ги следат и 102 меѓународни набљудувачи, 56 преведувачи и 55 странски новинари.

Поради пандемијата форматот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за овие избори е специјална мисија за проценка на изборите. Мисијата е составена од девет члена. На претходни избори форматот на мисијата беше изборна набљудувачка мисија со стотици долгорочни и краткорочни набљудувачи.

Специјалната мисија на ОБСЕ/ОДИХР на 16 јули ќе излезе со прелиминарни наоди и заклучоци во врска со изборниот процес, а конечниот извештај ќе го објави околу осум недели по денот на изборите, со заклучоци и потенцијални препораки, најави Лаима Андрикиене – шеф на Специјалната мисија на ОДИХР во земјава.

Специјална мисија за проценка на изборите ја започна својата работа во Скопје на 22 јуни, т.е. пред официјалниот почеток на изборната кампања, а ќе биде распоредена до 23 јули.

Избирачкото право не смее да се крши

Доколку на некој граѓанин му е повредено правото за глас тоа може да го пријави во Државната изборна комисија, на набљудувачите кои се на самите избирачки места, до Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во канцеларијата на Народниот правобранител на денот на предвремените парламентарни избори во периодот од 7:00 до 21:00 часот функционира бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на која граѓаните можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител и тоа во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.

Граѓаните имаат можност да пријават евентуални прекршувања на нивното избирачко право во Комитетот, на телефонските броеви 02 3119 073 и 072 278 436, или на helkom@mhc.org.mk.

Обвинителството воведе дежурства за следење на изборите

За време на предвремените парламентарни избори отворени се дополнителни дежурства за обвинителите кои ќе го следат изборниот процес, информираше Основното јавно обвинителство. Привремената Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани против изборите и гласањето вели дека итно и со приоритет се постапува по индиции за извршени кривични дела, при што известувањата веднаш се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG