Достапни линкови

Асимптоматските случаи позитивни на ковид-19 и по цел месец


Луѓе со заштитни маски во Скопје поради пандемијата со ковид-19

Речиси 80 проценти од заболените од ковид-19 во земјава се асимптоматски, и по детектирањето остануваат дома во изолација. Тие се во секојдневна комуникација со матичните лекари, а дел од нив, и покрај тоа што немаат симптоми, се позитивни на вирусот и по цел месец и остануваат во изолација.

Коронавирусот е исклучително заговорнички вирус, камуфлиран во ширењето многу поефикасно од неговите најблиски роднини. Дополнително тоа што голем број на заразени немаат симптоми и го поминуваат вирусот, народски кажано, „на нога“ надополнето со лажните вести на социјалните мрежи го сместува ковид-19 во многу терории на заговор, со што битката против него станува многу потешка.

Со над половина милион починати пациенти заболени од ковид-19, светот е во војна не само со подмолен, туку и со речиси невидлив непријател. Македонската статистика покажува дека речиси 400 луѓе од почетокот на пандемијата ја изгубиле битката со коронавирусот. Во земјава досега се заразиле над 8 илјади луѓе, а последните податоци покажаа дека активни случаи во земјава се речиси половина од вкупната бројка. Министерството за здравство неодамна соопшти дека речиси 80 проценти од заболените се асимтоматски случаи.

Матичните лекари велат дека постојано се на телефон насочувајќи ги пациентите како да постапуваат. Тие додаваат дека дополнителен проблем е што хронично болните не можат да ја добијат неопходната медицинска нега затоа што здравствениот систем е закочен поради ковид-19.

Претседателката на здружението на приватни матични лекари, доктор Лидија Дервишва Чолакова вели дека е потребно да се направат измени и да се остават матичните лекари сами да проценуваат кого и каде да пратат на лекување.

„Но, јас одговорно тврдам за сите мои пациенти, но и на колегите, дека огромен е бројот на луѓе кои ги водиме позитивни, а ги анализираме, секој ден ги анкетираме, и тие се добро, а 14 дена се чека до оној втор негативен тест, па се појавува позитивен, па негативен, па позитивен, па негативен, па се случува луѓе кои немаат никакви симптоми по еден месец да седат дома. На оваа држава ѝ треба ресет, кој е болен ќе го лекуваме, кој е здрав нека се врати на работа, тоа е мојот став“, вели Чолакова.

Според неа, причината за големата смртност во земјава е дека тоа се најчесто пациенти кои покрај вирусот имале и друга болест.

Од друга страна пак, ставот на здравствените институции е дека иако огромниот процент од новодијагностицираните се асимптоматски или со лесна слика, тие треба да бидат изолирани до негативен тест.

Изразот „тивок преносител“ значи дека вирусот се пренесува преку асимптоматски или претсимптоматски лица, кои потешко се откриваат, посочуваат од СЗО.

„Асимптоматските пациенти треба да бидат изолирани. Како СЗО собираме докази од студии, но со сигурност може да се каже дека потребни се мерки на претпазливост и кај нив како и за другите. Може да се утврди дека се асимптоматски, но по неколку дена можат да развијат симптоми и е многу важно да се следат зашто така подобро разбираме и сфаќаме како напредува болеста“, изјави неодамна Фабио Скано, советник на регионалниот директор на СЗО Европа, кој беше во посета на земјава.

Здравствените власти секаде во светот апелираат дека само со одговорно однесување ќе се намали бројот на заразени, но и за да се намали притисокот врз здравствените институции што ги третираат заболените од вирусот за да може што поскоро да бидат отворени сите болници и клиники за потребите на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG