Достапни линкови

Рекордни температури во рускиот арктички регион


Фотографија на НАСА на која се гледаат температурите на површината на Русија во периодот од 19 март до 20 јуни 2020 година.

Топлотен бран ги зголеми температурите во Сибир на рекордно ниво во јуни, што според научниците претставува „предупредувачки крик“ за глобалните климатски промени.

Службата за климатски промени „Коперникус“ во денешно соопштение наведе дека минатиот месец бил најтолиот јуни за рускиот арктички сибирски регион, каде просечните температури се зголемени за повеќе од 5 степени целзиусови од нормалното и за еден степен повеќе во спореба со 2018 и 2019 година, двата претходни регистрирани рекорди во месец јуни.

„Арктикот се затоплува побрзо од остатокот на светот“, изјави директорот на програмата Карло Буонтемпо опишувајќи го трендот како „загрижувачки.“

За научниците е познато дека климатските промени предизвикуваат затоплување на Арктикот два пати побрзо отколку остатокот од светот и сибирскиот топлотен бран, кој започна во мај, е типичен за ваквиот тренд.

Екстремната топлина предизвика невообичаено голем број на шумски пожари во Сибир, во буралните шуми и тундрите што го покриваат северниот дел на Русија, намалувајќи ја снежната покривка и влажноста на површината на почвите во сибирскиот Арктик на рекордно ниско ниво, велат од „Коперникус.“

Сибир, кој е поголем од САД и Мексико заедно, веќе беше загрозен од рекорден број на пожари минатото лето.

Во средината на август минатата година, гореа 5,5 милиони хектари во Русија, најмногу во Сибир, од каде се кренаа облаци од чад кои покрија повеќе од пет милиони квадратни километри, што е повеќе од големината на целата ЕУ.

Гринпис на крајот на април соопшти дека шумски пожари веќе горат на повеќе од 1,3 милиони хектари во Русија, за што организацијата наведе дека е невообичаено за пролетната сезона.

Руската шумарска агенција соопшти дека од 6 јули имало 246 шумски пожари кои зафатиле површина од 140.073 хектари, со седум региони кои прогласиле вонредна состојба.

XS
SM
MD
LG