Достапни линкови

Русија објавува прелиминарни резултати од референдумот, додека трае гласањето


Жена гласа на референдумот во Русија

Централната изборна комисија на Русија започна со објавување на прелиминарни резултати од гласањето за уставните измени иако има уште неколку часови до затворањето на гласачите места во западните делови на земјата.

Објавувањето на резултати пред да заврши гласањето во целата земја е нелегално во Русија.

Сепак гласањето за уставните измени не се спроведува во согласност со руските закони за референдум.

Изборната комисија објави дека 74 проценти од гласачите гласале за пакетот амандмани, кои, меѓу другото, би можеле да му го отворат патот на претседателот Владимир Путин да побара уште два мандати и да остане на власт до 2036 година.

Од преброени само речиси 1 процент од гласачките ливчиња од гласањето во источните региони, каде гласањето веќе заврши, нешто повеќе од 24 проценти од гласачите гласале против амандманите, соопшти Комисијата.

Некои независни набљудувачи, новинари, па дури и персонал од Комисијата, пријавија повеќекратни прекршувања на избирачките места.

Денеска завршува гласањето за пакетот амандмани, кое започна на 25 јуни, што е досега невидено, гласањето да трае едена недела, но властите рекоа тоа се прави за да се намалат гужвите во време на пандемија на коронавирус.

Според досегашните правила во Русија, на претседателот му е забрането да бара трет последователен шестгодишен мандат. Но, доколку се одобрат уставните измени ќе се отвори патот 67-годишниот Путин да може да се кандидира во 2024 и повторно во 2030 година.

Рускиот лидер во изминативе две децении без прекин е на власт, делумно како претседател, а делумно како премиер.

Критичарите на амандманите обвинуваат дека Путин на овој начин се обидува да обезбеди доживотна моќ. Пакетот содржи повеќе од 200 амандмани, а на гласачите им е дадена можност да го прифатат или одбијат целиот пакет.

XS
SM
MD
LG