Достапни линкови

Никола Јанкуловски повторно на чело на УКИМ


Никола Јанкуловски

Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет е реизбран за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“(УКИМ), објави Универзитетската изборна комисија. Денеска на факултетите кои се дел од УКИМ беше спроведено гласање на ректор.

Според сумираните резултати од гласањето, потпишан од седумте члена на Комисијата, Јанкуловски освоил 3.604.454 поени. Најмалку од седумте кандидати за ректор на УКИМ освоил кандидатот Јане Ацевски (89.902 поени).

Денеска од 12 до 14 часот се гласаше на 22 од 23-те факултети на УКИМ и на пет институти во состав на Универзитетот. Гласање немаше на Факултетот за драмски уметности зашто оттаму не прифатија нивни професори да бидат во состав на изборна комисија на нивниот факултет, а друга комисија не беше назначена. Наставно-научниот и уметнички совет на ФДУ на 23 јуни одлучи да не учествува на изборите со став дека тие треба да бидат одложени поради бројни законски прекршувања на целокупната постапка за избор на ректор, како и со оглед на отпочнувањето на парламентарните избори во државата.

Универзитетската комисија наведува дека според доставените записници од изборните комисии, гласањето поминало без проблеми и неправилности.

Студентите побројни на онлајн предавањата

Освен актуелниот ректор, во трка беа уште шест кандидати - Јане Ацевски и Коле Василевски од Шумарскиот факултет, Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, Петар Атанасов од Институтот за социолошко-правни истражувања, Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование и Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет.

Атанасов, Живковиќ и Димитриевски кандидатурите за ректор ги ставиле во мирување

Нивните програми за работа УКИМ ги објави на веб-страницата, но тројца кандидати, Атанасов, Живковиќ и Димитриевски, вчера соопштија дека нема да учествуваат на овие избори зашто ги сметаат недемократски и нетранспарентни, а и поради ставот на Антикорупциската комисија дека избори за ректор не треба да има зашто се распишани парламентарни избори. Соопштија дека кандидатурите ги ставаат во мирување, но нивните имиња беа денеска на гласачките ливчиња зашто не ги повлекле кандидатурите.

Мандатот на избраниот ректор трае три години, почнувајќи од 15 септември кога стапува на должност.

XS
SM
MD
LG