Достапни линкови

Филипче – Една третина од починатите од ковид-19 предоцна донесени во болница


Министерот за здравство, Венко Филипче

Една третина од починатите од коронавирус предоцна дошле во болница и смртен исход имаат меѓу првиот и петтиот ден по приемот, рече министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Канал 5.

„Има и пациенти кои потпишале дека не сакат да се лекуваат во болница, па после доаѓаат во крајните стадиуми на болеста и тука за жал не може повеќе да се постигне. Третина од починатите лица доаѓаат доцна во болницата. Одговорно кажувам дека за секој пациент е апсолутно сè направено, од анализи, до терапија и сè друго“, рече Филипче.

Тој рече дека огромен број од починатите се дијагностицирани посмртно и оти ниедна земја не го прави тоа, но Македонија одлучила да ги тестира и починатите во болница за подобро да се заштитат семејствата на покојните.

Филипче рече дека помалку од 15 отсто од заболените од ковид-19 се хоспитализирани.

Тој посочи дека освен Скопје, кое останува жариште на ковид-19, другите жаришта постепено спласнале.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 156 нови случаи на коронавирус, од кои 100 во Скопје, а шестмина луѓе починале, информира Министерството за здравство.

XS
SM
MD
LG