Достапни линкови

Пендаровски: Нема нова вонредна состојба, за изборите мора решение


Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, нема да прогласи нова вонредна состојба. Тој на денешната прес конференција рече дека законски тој може да прогласи вонредна состојба и без барање од Владата, но овој пат нема да го направи тоа, бидејќи нема потреба од тоа, а во врска со здравствената состојба Владата ги има обезбедено сите неопходни мерки и подготовки.

„На 30 мај донесов одлука за продолжување на вонредната состојба, која истекува утре. Сите претходни вонредни состојби ги прогласував на барање на Владата, по заседавање на Советот за безбедност. Една од потребите беше, во услови кога Собранието е распуштено, да се носат уредби со законска сила. Претседателот може и без барање на владата да прогласи вонредна состојба, но тоа не го направив. Во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба“, рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека постои законска регулатива во случај да има потреба да се применуваат мерките како што се полициски час или воведување други превентивни мерки.

Во врска со изборите, Пендаровски ги повика Зоран Заев и Христијан Мицкоски да седнат уште денеска и да најдат решение за надминување на личните интереси, во интерес на државните интереси и на граѓаните.

„Јас знам дека најголемиот број граѓани воопшто не размислуваат за избори во период кога има пораст на заразени од ковид-19, но сепак, избори во време на корона се неопходни за да добиеме Парламент. Власта и опозицијата се согласни дека изборите треба да ги надгледува ОБСЕ-ОДИХР, како и дека се потребни посебни протоколи за безбедно гласање. За жал, власта и опозицијата не се согласуваат за датумот на изборите. Предупредувам за потенцијална опасност и непожелен развој на настаните. Говорот на омраза ги продлабочува разликите, од март се наоѓаме во комплексна здраствена криза, а поради тоа што Собранието е распуштено, имаме елементи за уставно-правна криза. Ако не се договориме за изборен процес, тоа ќе значи влез во длабока криза. Евентуалната правна и политичка криза може да прерасне во безбедносна. Упатувам јавен повик до Зоран Заев и до Христијан Мицкоски да седнеме уште денеска и да најдеме излез од оваа ситуацијса со ставање на државните интереси над личните“, рече Пендаровски.

Во спротивно, додаде Пендаровски, би можело државата да биде втурната во политичка криза што би ја загрозило европската перспектива и напорите за надминување на корона кризата.

XS
SM
MD
LG