Достапни линкови

„Прозарт 2020“ за албанскиот писател Исмаил Кадаре


Исмаил Кадаре - Добитник на наградата „Прозарт“ 2020

Наградата „Прозарт“, за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, годинава ја доби истакнатиот албански писател Исмаил Кадаре за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, високо оценет и од европската и од светската критика.

„Со голема чест му ја доделуваме наградата „Прозарт“ на писателот кој ги одбележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувањa“, стои во образложението на одборот за доделување на наградата „Прозарт“, во кој се претседателот Ермис Лафазановски и членовите Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.

Поради ситуацијата со пандемијата, Кадаре ја доби наградата во неговиот дом во Париз.

„Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата која љубезно ми ја доделивте, но поради моменталната пандемија, се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно. Се разбира дека ми е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и сум почестен што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак“, напиша Кадаре во писмото со кое се заблагодарува за наградата.

Кадаре е автор на повеќе светски познати дела, меѓу кои и „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“…

XS
SM
MD
LG