Достапни линкови

Трајкоски: Без културни настани зборовите ќе ни заспијат во грлото


Дејан Трајкоски

Во 2015 година, не многу по добивањето на наградата Македонска книжевна авангарда за „Неверство“, писателот Дејан Трајкоски ќе рече: Наградите во ова време се еден вид на репер колку е делото добро или не. Неодамна романот го објави реномираната американска издавачка куќа „Далки аркајв прес“.

Дипломиран професор по филозофија и завиден број на години новинар во дневниот весник „Вечер“, Дејан Трајкоски на домашната културна јавност и најпознат како писател и автор на романите „Вистина, љубов (Рашомонијада)“ ( 2012) и „Неверство“ ( 2015) за кој ја доби наградата Македонска книжевна авангарда.

Тој наедно е идеен творец и директор на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, член на Друштвото на писателите на Македонија, на Интернационалната федерација на филмски критичари Фипресци, и над сè автор кој, во поглед на јазичната умешност, сочните дијалози и впечатливата описност, познавачите го споредуваат со македонските класици Петре М. Андреевски и Живко Чинго, велејќи дека тие се вистински „татковци“ на неговата проза. И, уште нешто многу важно - не случајно на неговите дела најмногу им прилега музиката и поетиката на драгите пријатели ФОЛТИН.

РСЕ: Неодамна американската издавачка куќа „Далки аркајв прес“ го објави вашиот роман „Неверство“ со превод на Пол Филев. Што значи ова лично за вас како автор, ако се има на ум дека во нивното портфолио се преводите на англиски јазик на дела од Киш, Албахари, Басара, Господинов, нашата Румена Бужаровска?

Честа е голема. „Далки аркајв прес“ е една од најпосакуваните издавачки куќи во САД коишто издаваат преводна литература. За жал, поради ситуацијата, нема изгледи за промоција, барем во Ирска. Исто така, голема е честа да се работи со преведувач како Пол Филев, којшто треба да биде препознаен од Македонија како бренд којшто мора да го негуваме – тој е еден од малцината коишто умеат и сакаат да преведуваат од македонски на англиски јазик. Добриот преведувач е најклучната фигура во целиот тој процес на издавање дела во превод. А Филев се грижи за преводот како родител за дете, и умее да си игра со него на убав начин.

РСЕ: Што значи, пак, ова за македонската литература? Стануваме ли свесни за потребата на размена на културни добра на еден поширок план?

Ние сме мала земја и треба многу за некој одблесок да засјае и надвор од неа. Овде можеби прашањето е: што после реализација на превод? Какви се нашите планови во поглед на промоција? Во 2016 година прв јавно предложив Македонија да биде земја во фокус на Саемот за книга во Франкфурт, барем, најрано во 2022 година. Еве, сега сме веќе на половина од 2020 година. Сметам дека еден таков настан (којшто е возможен – тоа го направија земји како Грузија, а наскоро и Словенија) ќе не дигне високо на книжевната мапа, а воедно тоа ќе биде и голема реклама за нас како држава.

РСЕ: Романот „Неверство“ во 2015 година беше финалист за годишната награда за прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“, беше во потесен круг за наградата на „Утрински весник“, а ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“. Од тогаш минаа пет години, а мнозина со љубопитност го очекуваат третиот роман на Дејан Трајкоски. До каде е стасано неговото испишување? Кога би била следната средба со публиката?

Средба со публиката требаше да има наскоро, со еден малку поинаков уметнички проект, кој моментално е во застој поради коронавирусот. Се надеваме дека наскоро ќе можеме да го организираме. Се надевам дека наскоро ќе може и да посетуваме културни настани. Во спротивно, ќе си го заборавиме името, зборовите ќе ни заспијат во грлото, а погледите ќе ги изгубат својствата.

РСЕ: Дејан Трајкоски е идеен творец на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и уредник на издавачката куќа „Прозарт медиа“. По редот на нештата некаде на средината на мај требаше да се случи осмото издание на манфестацијата. Нè зафати светската пандемија со КОВИД–19 и многу работи се изместија. Ќе има или не „ПРО-ЗА Балкан 2020“? Ќе продолжи ли убавата традиција? Во која форма би се одвивал Фестивалот?

Секако дека ќе има издание на фестивалот. Деновиве ќе го најавиме и лауреатот, писател од светски формат, кого што го посакуваме уште од првото издание. Се надеваме дека ќе бидеме во можност да го одржиме фестивалот наесен. Во јули со тимот ќе донесеме одлука околу датумот на одржување. Ќе има фокус и на онлајн претставувања, но, сепак, физичкото присуство на авторите и публиката е од примарна важност.

РСЕ: Од досегашното искуство, колку во земјава е препознаен „ПРО-ЗА Балкан“ како фестивал и случување кое ги трасира патиштата за нормална комуникација меѓу народите и културите во регионов, па и во Европа?

За тоа нека кажат другите. Фестивалот си има своја публика, одличен тим, веќе е препознаен во земјава и странство. Ние сме организатори и на програмата Скопје фелоушип, преку којашто важни имиња од светот на издаваштвото стануваат свесни кои сме и што сме. Таква програма, на пример, оваа година воведе и Саемот на книга во Лајпциг, но не се одржа поради коронавирусот. А ние ја имаме уште од пред 7 години. Целта ни е да ја претвориме во голема платформа за промоција на литературата од Балканот

РСЕ: Наспроти евентуалните подготовки за случувањето, имаше ли време Трајкоски во изолациските денови да го прочита она што веројатно дотогаш посакувал, а немал време да го стори? Да работи на себе или на изданијата што евентуално би сакал да ги објави?

Изолациските денови ги користевме, пред сѐ, за одмор. Но, еве ќе објавам овде за првпат - и за пишување поезија. Така што, се надевам дека во 2021 или 2022 година ќе има промоција на мојата прва збирка поезија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG