Достапни линкови

Хроничарот Иванов со урбани приказни од скопската историја


Насловната страница на книгата „Скопски дамари“ од Благој Иванов
Насловната страница на книгата „Скопски дамари“ од Благој Иванов

„Скопски дамари“ е насловена збирката раскази од истакнатиот македонски писател Благоја Иванов што како 184 издание во едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ се појави деновиве. Изборот на расказите е на Игор Анѓелков, а дизајнот е дело на Марија Смилевска.

Со збирката добиваме увид во децениите во кои Скопје имало свој автентичен мирис и вкус и кои во сеќавањата на скопјани се врежани како прекрасни години за живеење, преку приказни за старите маала и клучните точки кадешто луѓето секојденвно поминувале и битисувале, но и преку приказните за луѓето чии животни судбини отсекогаш предизвикувале внимание и биле одлична предлошка за книжевна обработка. Секако, не треба да заборавиме дека токму овој избор и редослед на избраните раскази истовремено е и одличен увид во творештвото на Иванов, кој од својата прва објава, „Седум умирања“ (Култура, 1956), па се’ до последната „Птиците од дворот“ (Слово, 2015), од книга во книга го бруси својот книжевен стил, преминувајќи од младешките експерименти налик на сценаријата на филмовите од „новиот француски бран“, во стилската едноставност и мудроста на документаристичкиот пристап својствени за автори на крајот од деветтата и почетокот од десеттата деценија од својот живот, со што го става рамо до рамо со светски величини од рангот на еден Г. Г. Маркес. Отсекогаш најтешко било да се постигне таа „проклета едноставност“ во раскажувањето, а Иванов тој принцип го доведува до совршенство, впрочем, како и при неговите раскажувања на истите приказни во четири очи, небаре сме дел од книгата „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери, каде книгите се забранети, а нивната содржина се пренесува усно на следното поколение.

Ова меѓу другото ќе го напише во предговорот за „Скопски дамари“, збирката раскази од истакнатиот македонски писател Благоја Иванов што како 184 издание во едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ се појави деновиве, писателот, новинар и филмски критичар Игор Анѓелков. Тој, како автор на изборот на расказите, во освртот кон збирката нагласува дека Иванов, заедно со Славко Јаневски, Влада Урошевиќ и Димитар Солев, е континуираниот хроничар на скопските случувања во неговите дела од пред Втората светска војна до денешен ден, и заклучува:

„Сето она што го раскажува Иванов во своите приказни за Скопје, како ретко кој македонски писател, создава своевидна мапа на градот, карта од која извира животна сила составена од нерви и крвни садови за силна пулсација на урбаното битие, која содржи и разни пукнатини и шуплини пред кои не смее да се затворат очите и кои треба да се забележат и прераскажат. Така Скопје на суптилен начин станува засебен лик во оваа збирка раскази, град-личност кој секогаш е подготвен да ја покаже својата сила, „небаре сениште кое тешко ја поднесува дневната светлина“, но тој е и „брод со драгоцен товар“ на кој секогаш ќе му се навраќаме во нашите книжевни творби. Со почит кон Скопје, и особено кон Благоја Иванов, Ви посакувам пријатно патување низ скопските книжевни дамари, засолнати од заборавот на ова посебно место, во оваа драгоцена книга“.

Инаку, интересен детал во приказната е и нивното несекојдневно пријателство кое е било иницирано од сопругата на Игор – Снежана Младеновска Анѓелков за чија прва книга „Единаесет жени“ од 2011 година ( добитник на наградата „Роман на годината“) Иванов напишал рецензија, за да подоцна дружбата биде, пак, и инспирација за расказот „Задруга“ објавен во „Тивка анестезија“, издание на „Антолог“ од 2016, во кој, како што ќе забележи авторот, „ја овековечив токму оваа наша блиска комуникација, раскажувајќи парче од сеќавањето на реномираниот писател кое не навраќа на почетокот од петтата деценија на минатиот век“.

„Со г-нот Благоја Иванов имаме практика еднаш до два пати месечно, вообичаено во среда, да се дружиме пред книжарницата ИЛИ-ИЛИ, каде низ кафе-муабет вообичаено јас сум слушателот, а тој хроничарот кој ме храни со непроценливи приказни од скопската историја. За жал, ситуацијата со Корона-вирусот во овие 2-3 месеци ја прекина таа традиција, но јас ја искористив можноста ова наше еднодецениско пријателство да го заокружам на најдобар можен начин, со селекција на дваесетина раскази од неколку негови збирки и на крајот издавање на книгата со сугестивен наслов „Скопски дамари, со што на најдобар можен начин добиваме увид во неговата плодна книжевност низ децениите наназад. Со тоа, случајно или намерно, се случи две книги по ред во нашата едиција „ПРОаЗА“, Скопје да биде во фокусот на литературата, со што ги поврзуваме младата и старата генерација на македонски писатели, иако тоа е случај и во другите изданија на ИЛИ-ИЛИ, каде Скопје е еден од главните херои или анти-херои кој се провлекува низ приказната, но овде тоа се гледа на најдиректен начин“, вели Игор Анѓелков.

Писателот Благој Иванов и приредувачот Игор Анѓелков на една од нивните средби пред книжарницата „Или-Или“
Писателот Благој Иванов и приредувачот Игор Анѓелков на една од нивните средби пред книжарницата „Или-Или“

Роден 1931 година, Благоја Иванов е реномиран македонски раскажувач, романописец, есеист, критичар и драмски автор. Завршил Филолошки факултет во Скопје и работел како главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје, директор на Телевизија Скопје и професор на Факултетот за драмски уметности.

Долги години го уредувал списанието „Млада литература“, а бил и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член е на ДПМ од 1958 година и негов претседател во два мандати. Член е и на Македонскиот ПЕН центар и добитник на наградите: „1 Мај“, „Недела на радио драмата на ЈРТ“, „Рациново признание“ и „Кочо Рацин“.

Автор е на книгите „Седум умирања“ (проза, 1956), „Ноќ без починка“ (раскази, 1958), „Црвено рондо“ (раскази, 1964), „Патувања“ (лирски минијатури, 1969), „Ветрови“ (роман, 1969), „Од онаа страна на заборавот“ (раскази, 1975), „Една година и цел живот“ (роман, 1978), „Бланка“ (проза, 1985), „Малата врата на надежта“ (раскази, 1985), „Маалски игри“ (роман за млади, 1989), „Чекање на зората“ (роман, 1998), „Сватови“ (раскази, 2000), „Стебло“ (роман, 2003), „Сомнеж“ (роман, 2007), „Судбина“ (роман, 2009), „Раска в око“ (раскази, 2011), „Покрај езерото“ (роман, 2015) и „Птиците од дворот“ (раскази, 2015).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG