Достапни линкови

Загриженост во Германија по најавите за повлекување на дел од американските војници


Германските власти со загриженост реагираат на информациите за американските планови за повлекување на илјадници нивни војници од земјата.

Весниците Вол Стрит Џурнал и Дер Шпигел објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп планира да повлече дел од војниците стационирани во Германија. Вол Стрит Џурнал објави дека се планира повлекување на 9500 од 34 илјади американски војници во Германија, додека Дер Шпигел објави дека ќе бидат повлечени меѓу 5 и 15 илјади војници.

„Германско-американските односи може да бидат сериозно погодени од таквата одлука на американскиот претседател“, рече Петер Бајер, главен претставник на германската влада за односи со САД и Канада, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Министерот за надворешни работи Хајко Маас, пак, во изјава за весникот „Билд ам Сонтаг“, рече: „Ние сме блиски партнери во трансатлантската алијанса. Но, комплицирано е“.

Трамп долго време се жали дека Германија не ја исполнува заложбата на НАТО членките да трошат по 2 проценти од БДП на одбрана. Во меѓувреме, германската канцеларка Ангела Меркел вети дека ќе ги зголеми воените трошоци, но Германија веројатно нема да стигне до 2 проценти до 2030 година.

По информациите за повлекување, Полска изрази надеж дека дел од американските војници може да бидат стационирани кај нив.

Неименуван американски претставник рече дека на планот се работи со месеци и оти тој нема врска со тензиите меѓу Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел.

XS
SM
MD
LG