Достапни линкови

Лидер на политичка партија бил во кафеана во Дебар Маало, инспекторите спречени да извршат контрола


Државниот пазарен инспекторат спречен да направи надзор во кафеана во Дебар Маало во која наводно седел лидер на политичка партија

Инспектори попладнево биле спречени да извршат контрола во угостителски објект на „Боемска улица“ во скопско Дебар Маало, изјави вечерва раководителката на Одделението за инспекциски надзор Скопје Мери Продановска.

Според неа, додека инспекторите чекале да влезат, од објектот излегол претседател на политичка партија, но не прецизира за кого станува збор.

„Вечерва, Државниот пазарен инспекторат во редовни надзори, односно вонредни надзори на територија на Скопје околу 18:15 часот беше спречен да изврши увид во еден угостителски објект со образложение дека угостителскиот објект е од затворен тип и дека нема гости внатре. Колегите продолжија во другите угостителски објекти, но сепак се вратија кај истиот угостителски објект со уште една замолница да им се отвори објектот да извршат надзор. По два и пол часа успеавме да влеземе во објектот, но пред тоа имаше други дејствија, од објектот излегоа луѓе кои инспекторите не можеа да ги легитимираат, но препознаен е претседател на политичка партија“, рече Продановска.

На кафенаите пред неколку дена им беше дозволено да работат, но само на терасите, а не и во внатрешноста на објектите. Дополнително, на една маса смеат да седат само двајца луѓе кои не се од исто семејство.

Дел од медиумите објавија дека во кафеаната бил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Сопственикот на локалот бил повикан, но дошол по два и пол часа чекање пред објектот.

Продановска информира дека угостителскиот оператор ќе добие кривична пријава по член 205 и 206 за непочитување на забрана за обавување дејност во објектот и за спречување на инспекциски надзор.

XS
SM
MD
LG