Достапни линкови

Во светот на македонскиот знаковен јазик


Дел од промотивното видео за проектот „Запознај го македонскиот знаковен јазик“ на „Млади знак“

За запознавање со македонскиот знаковен јазик, Младинското здружение за глуви наглуви „Млади знак“ изработи видеа со над 200 знаци.

Со овој проект, тие сакаат да ги поттикнат „родителите на децата со оштетување на слухот да започнат да го применуваат македонскиот знаковен јазик со нивните деца“.

Од здружението велат дека во Северна Македонија „информираноста на родителите за постоење на знаковниот јазик и важноста на неговата употреба со нивните деца со оштетување на слухот е се уште мала“.

„Иако знаковниот јазик е природниот јазик на глувите деца, со оглед на тоа што 95% од глувите деца се раѓаат во семејства во кои родителите слушаат и обично не го знаат знаковниот јазик, повеќето од овие деца многу доцна или воопшто не се изложуваат на знаковниот јазик, што може да резултира со задоцнет когнитивен развој и помалку шанси успешно да го совладаaт јазикот“, велат од „Млади знак“ додавајќи дека раниот пристап до нивниот природен јазик како квалитетно образование на знаковен јазик е основа за развојот на глувите деца и добивање на еднаква основа со сите останати.

Од здружението посочуваат дека Конвенцијата за правата на лицата со попреченост ја признава и промовира употребата на знаковните јазици. Зголемување на информираноста кај родителите на децата, објаснуваат од „Млади знак“, раниот пристап до знаковниот јазик и услуги на знаковен јазик, вклучително и квалитетно образование достапно на знаковен јазик, е од суштинско значење за растот и развојот на глувите деца и е клучно за постигнување на меѓународно договорените развојни цели.

„Преку овие видеа сакаме да им овозможиме на родителите кои имаат деца со оштетување на слухот, пристап до основните знаци кои можат да ги користат со нивните деца во секојдневната комуникација во домот. Доколку децата и родителите имаат пристап до македонскиот знаковен јазик и започнат со негова примена веднаш по откривањето на оштетувањето на слухот кај нивното дете, ќе помогнат во развојот на јазикот и збогатување на вокабуларот на нивните деца. Тоа ќе ја олесни комуникацијата помеѓу членовите на семејството и ќе им овозможи на децата полесно да ги искажат своите потреби и мислења, да напредуваат и да се развиваат“, додаваат од здружението.

Според Светската федерација на глуви, информираат членовите на „Млади знак“, има околу 72 милиони глуви луѓе ширум светот. Колективно, тие користат повеќе од 300 различни знаковни јазици. Сите овие знаковни јазици, вклучувајќи го и македонскиот знаковен јазик, се целосно природни јазици, објаснуваат од здружението, иако се структурно различни од говорните јазици.

XS
SM
MD
LG