Достапни линкови

САД - Русија испраќа воени авиони во Либија за помош на платениците


Фотографија направена од Американската Команда во Африка на која велат дека се гледа руски авион.

Американските власти соопштија дека Москва распоредила воени авиони во Либија за да обезбеди поддршка за руските платеници кои му помагаат на локален воен лидер да се бори против меѓународно признатата влада во оваа африканска земја. Во соопштението на американската воена Команда во Африка се наведува дека руските воени авиони полетале за Либија преку Сирија, каде што им била сменета бојата за да им се прикрие идентитетот.

„Русија предолго негираше вмешаност во тековниот либиски конфликт. Но, сега не постои никакво негирање. Видовме како руски борбени авиони од четврта генерација полетаа за Либија“, рече генералот на американската армија во Африка (АФРИКОМ), Стивен Таунсенд.

АФРИКОМ соопшти дека руските авиони неодамна пристигнале во Либија, но не кажа за колку авиони станува збор.

Приватната воена организација, Вагнер груп, за која се верува дека е блиска до рускиот претседател Владимир Путин, им помага на силите на либискиот командант Калифа Хафтар во неговата борба против Владата на Националната спогодба, која има поддршка од меѓународната заедница.

Во извештајот на ОН, објавен претходно овој месец, се проценува дека бројот на руски платеници во Либија се движи меѓу 800 и 1.200 луѓе.

Засега нема коментар од руските власти по последните обвинувања од САД.

Американските власти објавија 15 фотографии од, како што велат, руските авиони во Либија.

Либија е разурната од граѓанска војна откако беше соборен и убиен долгогодишниот диктатор на земјата, Моамер Гадафи, во 2011 година.

XS
SM
MD
LG