Достапни линкови

ИЛИ-ИЛИ предвелигденски со „Смоква“ на Горан Војновиќ


Објавен како 182 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, деновиве од печат излезе „Смоква“, третиот роман на словенечкиот режисер, писател и колумнист Горан Војновиќ. Преводот од словенечки јазик е на Давор Стојановски, а дизајнот на корицата на Марија Смилевска.

„Смоква“ е досега најкомплексниот и најзрел роман на Војновиќ, значително поинтимен, фокусиран на судбината на три генерации од едно семејство, битно обележан со некогашната заедничка држава и со нејзиниот распад. Како и сите претходни романи, така и овој ги надминува границите на матичната словенечка книжевност, првенствено поради темите со кои се занимава, поради јазикот со кој се служи и поради сместеноста на фабулата, но и поради преокупацијата со прашањето на идентитетот и на неговото создавање. „Смоква“ врие од силни, но прикриени емоции, а од сочниот и презреан медитерански плод, кој пука по шевовите, капе семејната сага во која се преплетуваат судбини, љубови, неостварени желби и суровите реалности од нашите животи.

Ова ќе биде запишано во објавата со која издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ од Скопје на своите читатели им соопштува дека деновиве како 182 издание во едицијата „ПРОаЗА“ се појави „Смоква“, третиот роман на словенечкиот режисер, писател и колумнист Горан Војновиќ. Тој е автор и на романите „Јужњаци, марш!“ (2008) и „ Југославија, моја дежела“ (2012), кои во годиниве кај нас беа публикувани од Готен и ИЛИ-ИЛИ, а особено интересно е и тоа што за секој од своите три романи Војновиќ е добитник на престижната „Кресникова награда“.

Горан Војновиќ
Горан Војновиќ

„Војновиќ е многу интересен и сакан автор на овие простори бидејќи во сите свои дела тој пишува топло. Има една хуманистичка нота во неговите приказни. Во сите негови романи се занимава со прашањето на идентитетот, поранешна Југославија и нејзиниот распад. Тоа е опкружувањето во кое се одвиваат неговите приказни. Така е и со неговиот последен роман. Во „Смоква“ се работи за една извонредна семејна сага којашто ги следи судбините на три генерации на едно семејство“, вели Ненад Стевовиќ, уредник во ИЛИ-ИЛИ.

Запрашан за издавачкиот континуитет на следење на творештвото на одредени автори, тој истакнува дека нивната издавачка куќа ја има таа пракса кога ќе објави еден автор да го следи во неговата понатамошна работа.

„ИЛИ-ИЛИ ја има таа пракса кога ќе објави еден автор да го следи и понатаму во неговото творештво и да ги објавува, во случајов да ги преведува, и другите негови дела што мислам дека на читателите им пружа еден убав увид во севкупнотот творештво или во поголем дел од творештво на еден писател. Така почнавме со Берхард Шлинк од објавувањето на неговиот роман „Читачот“ и еве досега објавивме ми се чини седум или осум книги, романи или раскази од Шлинк и така продолживме и со редица други автори што мислам дека е еден правилен пристап во издаваштвото“, ќе рече Стевовиќ.

Ненад Стевовиќ
Ненад Стевовиќ

Инаку, во последно време оваа издавачка куќа за македонските читатели ги публикуваше и одличниот трилер „Се мислам да ставам крај“ од канадскиот автор Ијан Рид, роман што наскоро треба да биде филмуван од Нетфликс, како и две книги на есеи од францускиот автор Антоан Компањон - „Едно лето со Бодлер“ и „Едно лето со Монтењ“.

„Се обидуваме во овие времиња барем издавачките активности да ги одржиме онака како што сме планирале, сево ова ќе помине еден ден па намерата ни е да го дочекаме тој момент во полна издавачка кондиција“, смета Ненад Стевовиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG