Достапни линкови

Вести

САД забранија патувања од Бразил поради коронавирусот

Болница во Бразил, илустрација

Американскиот претседател Доналд Трамп го забрани влезот на странците кои доаѓаат од Бразил, земја втора во светот по САД по број на потврдени случаи на коронавирус. Трамп претходно им забрани на патниците од Кина, Европа, Британија и Ирска, а во помала мерка од Иран, да влезат во САД. Тој не презеде чекори за забрана за патување од Русија, која е трета по заразени со вирусот во светот.

Броење на мртвите: различно прикажување на смртноста од коронавирусот

Соединетите Држави се први во светот со повеќе од 1,6 милиони потврдени случаи на коронавирус, а бројот на загинати се очекува оваа недела да надмине 100.000, покажуваат податоците на референтниот универзитет Џонс Хопкинс. Бразил, сега најтешко погодената земја од Латинска Америка, е втор со повеќе од 347,000 заразени и над 22.000 мртви. Русија е трета со над 344.000 пријавени случаи на инфекција и повеќе од 3.500 смртни случаи.

види ги сите денешни вести

Турската централна банка не ги зголемува каматите и покрај огромната инфлација

Илустрација: Лири и долари

Турската централна банка ја задржа непроменета основната каматна стапка петти месец по ред, и покрај годишната стапка на инфлација од скоро 70 отсто.

Банката соопшти дека ќе ја задржи својата референтна каматна стапка „константна“ на 14 отсто и дека инфлацијата е водена од геополитичкиот развој и „привремените ефекти на формирањето на цените“.

Банката очекува дека инфлацијата ќе забави со мерките за стабилност на цените и по смирување на „регионалниот конфликт“, мислејќи на руската инвазија врз Украина.

Годишната инфлација во април достигна 69,97 отсто, продлабочувајќи го притисокот врз домаќинствата кои веќе немаат доволно пари и за основните намирници.

Одлуката на централната банка уследи по дополнителниот пад на турската лира.
Од почетокот на годината, лирата изгуби околу 18 отсто од вредноста во однос на доларот.

Албанија му ја понуди на НАТО поморската база Пашалиман

Премиерот на Албанија Еди Рама

Премиерот на Албанија Еди Рама ја понудил на користење од страна на НАТО поранешната советска поморска база Пашалиман.

Како што соопштија од премиерскиот кабинет, Албанија веќе направила проект за обнова на базата која се наоѓа на 180 километри јужно од Тирана, под Валонскиот Залив.

„Во овие опасни времиња, верувам дека генералот би можел да размисли да има поморска база на НАТО во Албанија“, рече Рама во вчерашното обраќање при доделувањето медал” Голема ѕвезда на благодарноста”на командантот на НАТО, Тод Даниел Волтерс.

Базата Пашалиман е изградена во 1950-те кога Советскиот Сојуз донесе 12 подморници и беше единствената поморска база што ја имаа во Средоземното Море.

По прекинот на врските меѓу Тирана и Москва во 1961 година, Пашалиман остана како поморска база во која се сместени четирите преостанати подморници и други помали воени бродови.

Нови 108 случаи на Ковид-19 и 77 оздравени лица

Илустративна фотографија

Во последните 24 часа се регистрирани 108 нови случаи на Ковид-19 од направени 1411 тестови, како и 77 оздравени пациенти. Не се пријавени починати лица, информираа од Министерството за здравство.

Од новозаболените, од кои осум се реинфекции, од Скопје се 70, Битола 13, Штип 7, Кавадарци 3, Прилеп, Велес, Гостивар, Кичево и Неготино по 2 и Тетово, Охрид, Гевгелија, Свети Николе и Дебар по 1.

Од оздравените 77 лица од Скопје се 56, Битола 7, Прилеп 4, Гостивар, Берово и Кичево по 2 и Кавадарци, Гевгелија, Кочани и Ресен по 1.


Досега во земјата се направени вкупно 2.049.946 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.592, бројот на оздравени пациенти е 301.728, на починати е 9.300.

Во моментов во земјава има 564 активни случаи.

Кабинетот на Џафери: Нема прекршување на Деловникот, за редот се грижи претседателот на Собранието

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не го прекршил Деловникот, тврдат од неговиот Кабинетот, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Џафери синоќа ги заклучил во салата со купола каде требаше да се одржи 71. Седница, за што денеска најавија и барање за негова интерпелација.

Според членот 95 од Деловникот, како што се наведува од Кабинетот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, така што се потребни мнозинство гласови од присутните пратеници, односно најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Оттаму додаваат и дека претседателот на Собранието е тој што го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни, како и дека тој може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење.

„Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор“, се наведува во соопштението.

Од тој аспект, посочуваат од Кабинетот на собранискиот спикер, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Додаваат и дека Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.

„За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот“, се посочува во соопштението.

Според тоа, потенцираат од Кабинетот на Џафери, претседателот на Собранието не го прекршил Деловникот , туку како што велат „тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година“.

Претходно најава за поднесување интерпелација за Џафери стигна од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека пратениците биле заклучени во пленарната сала по наредба на Џафери, како и дека за собранискиот спикер „ не постои Деловник и не постојат човекови права“.

Протести на невидливите авганистански жени поради затворањето на училиштата

Девојчиња и жени на протест во Кабул, 26 мај 2022

Група жени организираа протести во Кабул против продолженото затворање на училиштата за девојчиња над шесто одделение, откако висок функционер на ОН предупреди дека ограничувањата на талибанските права на жените имаат за цел да ги направат жените „невидливи“.

На девојчињата им е забрането да одат на училиште по шесто одделение во поголемиот дел од Авганистан по враќањето на талибанците на власт во август 2021 година. Во март, талибанците наредија затворање на средните училишта за девојки истото утро кога тие требаше да се отворат.

На протестот денеска дваесетина жени и девојчиња маршираа до портата на средното училиште Мерјам во Кабул, повикувајќи ги талибанците повторно да ги отворат училиштата.

„Ми го зедовте лебот и работата, а јас не можам да учам“, извикуваа тие.

Некои сведоци рекоа дека десетина минути по протестот, талибанските милитанти дошле и ги растерале жените, пукајќи во воздух. Една од демонстрантките за РСЕ изјави дека три жени биле привремено приведени, а потоа ослободени откако талибанците ги потврдиле нивните мобилни телефони.

Азир Ахмад Такур, портпарол на талибанското Министерство за внатрешни работи, негираше дека протестот бил растеран.

„Ова е апсолутно пропаганда. Ние не спречивме никого да протестира денеска“, рече тој.

Откако ја презедоа власта по повлекувањето на меѓународните трупи од земјата разорена од војна, талибанците ветија дека ќе владеат поинаку отколку за време на нивниот брутален режим во 1990-тите, кога жените беа затворени во нивните домови.

Но, неговите ветувања се третираат со скептицизам од многу Авганистанци и влади ширум светот, вклучително и Централна Азија, особено затоа што жените беа отстранети од некои државни работни места и им е забрането да патуваат сами.


Овој месец, врховниот лидер на Авганистан и шеф на талибанците Хибатула Ахунџада им нареди на жените целосно да се покријат во јавност, вклучително и нивните лица.

Ограничувањата покажуваат „шема на апсолутна родова сегрегација и имаат за цел да ги направат жените невидливи во општеството“, изјави пред новинарите Ричард Бенет, специјален известувач на ОН за човекови права во Авганистан, за време на неговата денешна посета на Кабул.

„Де факто властите не успеаја да ја признаат големината и тежината на злоупотребите што се сторени, многу од нив во нивно име“, рече Бенет.

Вигенин - Во моментов нема причина Бугарија да го укине ветото

Кристиан Вигенин

Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии.

Вигенин, кој е член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и поранешен министер за надворешни работи, смета дека заклучоците на Советот би можеле потоа да бидат поддржани со одлука на Собранието или Владата на Бугарија. Тој сепак смета дека е неприфатлив ставот на премиерот на Бугарија, Кирил Петков да се свика ново заседание на Советот само за да се види дали има некаков позитивен план за развој на односите.


Вигенин додава дека во моментов Бугарија нема причина да го укине ветото за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ, бидејќи, како што вели, до „денешниот датум не е постигнат никаков напредок“.

„Денеска немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото. Ако ништо не се случи, нема шанси да го укинеме ветото. Ние мора да ги оствариме нашите цели. Тоа е ставот на БСП, додаде Вигенин.

БСП, чиј лидер е вицепремиерката и министерка за економија и индустрија Корнелија Нинова, е втора по големина партија во бугарската владина коалиција, предводена од „Продолжуваме со промената“ на премиерот Кирил Петков.

Вучиќ в недела ќе разговара со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот руски колега Владимир Путин присуствуваа во Белград, на 17 јануари 2019 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека в недела има договорено разговор со својот руски колега, Владимир Путин.

„Се надевам дека разговорот ќе биде добар и фер“, рече Вучиќ.

Притоа тој истакна дека главна тема ќе биде гасниот договор меѓу Србија и Русија, кој истече на 21 мај, при што се шпекулираше под кои услови и дали Србија воопшто ќе може да набавува нови количества гас од Русија.

Претходно, медиумите во Србија и домашната политичка јавност коментираа дека можеби нема да има разговори или дека руската страна намерно ги одложува преговорите за гасот за да изврши притисок врз Србија да не се согласи со санкциите кон Русија.

Пред само два дена, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека нема конкретни планови за разговори меѓу Путин и Вучиќ, но дека разговорите може да се одржат доколку за тоа биде потребно.

Српските медиуми оценуваат дека српскиот државен врв е убеден дека разговорот меѓу Вучиќ и Путин ќе резултира со позитивен договор за снабдување со гас за Србија, имајќи предвид дека Вучиќ пред неколку дена веќе се договори со унгарскиот премиер Виктор Орбан околу условите за складирање гас во таа земја.

Вучиќ исто така најави значајни посети на Србија од Европа и Русија во наредниот период.

Иран тврди дека „несреќа“ во воен комплекс убила еден инженер

Илустративна фотографија

Иранското Министерство за одбрана соопшти дека се случила „несреќа“ во областа Парчин во близина на Техеран, во една од нејзините истражувачки единици, при што загина едно лице, а друго е повредено.

Парчин, на околу 60 километри југоисточно од Техеран е воена база каде Меѓународната агенција за нуклеарна енергија МААЕ претходно соопшти дека се сомнева оти Иран извршил тестови поврзани со детонации на нуклеарни бомби пред повеќе од една деценија.

„Во средата навечер, во несреќа што се случи во една од истражувачките единици на Министерството за одбрана во областа Парчин, загина инженерот Ехсан Гад Беиги, а еден од неговите колеги беше повреден“, соопшти Министерството.

Од таму не се наведени причините за несреќата, ниту пак се дадени дополнителни детали, туку само се наведува дека истрагата е во тек.

Иран во 2015 година и дозволи на МААЕ да земе примероци од животната средина во Парчин за да направи проценка на „можните воени димензии“ на иранската нуклеарна програма.

Иран вели дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели, но сега збогатува ураниум до 60 проценти чистота, неговото највисоко ниво досега и краток технички чекор до ниво од 90 проценти кое е потребно за изработка на оружје.

Во јуни 2020 година, експлозија предизвикана од истекување на резервоар се случи во областа Парчин во складиште за гас. Западните грижи за иранската атомска програма доведоа до санкции и до нуклеарниот договор на Техеран со светските сили во 2015 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година се повлече од договорот и повторно воведе остри економски санкции. Разговорите за заживување на договорот продолжија во Виена минатата година, но во последно време беа во застој.

Специјалниот пратеник на САД за Иран Роберт Мали вчера изјави дека изгледите за заживување на договорот од 2015 година во најдобар случај се „слаби“, велејќи пред комисијата на Сенатот дека е поверојатно дека разговорите ќе пропаднат.

Русија ќе протерува западни новинари, ако Јутјуб ги блокира брифинзите на Захарова

Марија Захарова

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека западните новинари ќе бидат протерани од Русија доколку Јутјуб ги блокира брифинзите на нивната портпаролка.

Портпаролката Марија Захарова, која одржува неделни брифинзи за руската надворешна политика, вклучително и за воената интервенција на Москва во Украина, рече дека Министерството го предупредило Јутјуб да престане да ја блокира нејзината содржина на платформата.

„Ние само дојдовме и им рековме: Ако блокирате уште еден брифинг, еден новинар или американските медиуми ќе си одат дома“, рече Захарова појаснувајќи дека тие ќе назначуваат „новинар или одредена медиумска служба да си оди дома“.

Нејзините коментари дојдоа откако руските пратеници усвоија закон со кој им се дозволува на обвинителите да затвораат странски медиуми во Москва доколку некоја западна земја е „непријателска“ кон руските медиуми. Оваа мерка е одговор на затворањето на одредени руски државни агенции за вести во западните земји.


Захарова, исто така, истакна дека Москва работи на мерки против медиумите на англиски јазик како одговор на „непријателските дејствија“ на странските власти според руските вести, но таа не наведе други детали.

Во март, рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се изрекува затворска казна до 15 години за намерно ширење „лажни“ вести за војската, поради што некои западни медиуми ги повлекоа своите новинари од Русија.

Сепак дел од нив, вклучително и Ројтерс, останаа во земјата и продолжуваат да известуваат.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе поднесат интерпелација за Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Интерпелација на претседателот на Собранието Талат Џафери ќе поднесат Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, најави координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски.

„По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден автократ кој што си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина, непочитувајќи никаков Деловник и пред се крши основни човекови права“, изјави Мицевски.

За Талат Џафери, додаде тој, не постои Деловник и не постојат човекови права.

Притоа ги повика пратениците од СДСМ да им се приклучат и заедно да му кажат „стоп“ на собранискиот спикер.

„Исто така, го повикуваме и премиерот Димитар Ковачевски, еднаш барем да се заинетересира и да се постави како вистински премиер, а не да молчи и да бега од јавноста бидејќи ова што се случува е и негов срам“, рече Мицевски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ноќеска, неколку минути пред 23 часот ја прекина 71. седницата, на која почна расправата по 15. точка од дневниот ред - Дополнет предлог закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам. По 22 часот, во Собранието завладеа напната атмосфера откако претседателот Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала, за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници. По ова, пратениците од опозицијата се собраа пред претседателот на Собранието и бурно реагираа.

Шолц: Путин нема да победи во војната во Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц

Владимир Путин нема да победи во војната во Украина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, оценувајќи дека рускиот претседател веќе не успеал во сите свои стратешки цели.

Планот на Русија да ја заземе цела Украина е „подалеку денес отколку што беше на почетокот“ на нејзината инвазија на 24 февруари, бидејќи Украина постави импресивна одбрана“ рече Шолц на Светскиот економски форум во Давос.

„Нашата цел е кристално јасна - Путин не смее да победи во оваа војна. А јас сум убеден дека нема да победи во неа“, рече германскиот канцелар.

Тој истана дека Путин сериозно ќе преговара за мир „само откако ќе сфати дека нема да може да ја пробие одбраната на Украина. Притоа додаде дека трошоците за Русија се огромни и растат секојдневно.

Притоа тој вети дека ќе продолжи да го поддржува Киев за да го натера рускиот претседател сериозно да преговара за да стави крај на неговата инвазија.


„Треба да му се стави јасно до знаење на Путин дека нема да диктира мир. Украина нема да го прифати тоа, ниту ние“, рече Шолц.

Германскиот канцелар го заврши годишниот состанок на Светскиот економски форум со говорот во Давос.

Неговото обраќање доаѓа по неколкудневни дискусии за војната на Русија во Украина, глобалната криза со храна, климатските промени и други жешки прашања.


Годишниот собир на елити, кој двапати беше суспендиран поради пандемијата на Ковод 19, беше во сенка на војната во Украина.

Анџела Прајс Агелер ќе биде номинирана за нова амбасадорка на САД во Северна Македонија

Илустративна фотографија

Американскиот претседателот Џо Бајден ја објави својата намера за номинирање на Анџела Прајс Агелер како кандидат за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Северна Македонија, соопшти синоќа Белата куќа.

Таа треба да ја наследи досегашната амбасадорка на САД во земјава Кејт Мери Брнз, доколку овој преглог биде одобрен. Ова не би било прв нејзин ангажман во земјава, бидејќи претходно во нејзината дипломатска кариера таа работеше и како претставник за односи со јавноста во Американската амбасада во Скопје.

Како што се наведува во официјалното соопштение на Белата куќа, Прајс Агелер е дипломат од кариера со функција министер-советник вработена во Службата за надворешни работи на Стејт департментот, која досега беше заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Пакистан.

Претходно, била задолжена за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Париз, в.д. заменик помошник државен секретар во Бирото за Јужна и Централна Азија и во Канцеларијата на специјалниот претставник за Авганистан и Пакистан во Вашингтон, како и заменик помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија.

Меѓу нејзините претходни ангажмани се и советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Пакистан, аташе за култура и печат во американската Амбасада во Виетнам, портпарол на Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот, а извршувала и повеќе должности во амбасадите на САД во Франција и во Индија.

Агелер е добитничка на бројни награди на Стејт департментот, вклучувајќи ја и Наградата за помошник секретар за извонредни остварувања, како и на Наградата „Милдред Синклер“. Дипломирала на Универзитетот во Јута, а зборува француски, македонски и делумно хинду јазик.

Светска банка предупредува на можна глобална рецесија поради војната во Украина

Илустративн фотографија

Претседателот на Светска банка Дејвид Малпас денеска изјави дека руската војна во Украина и нејзиното влијание врз цените на храната и енергијата, како и достапноста на ѓубрива, може да предизвикаат глобална рецесија.

Малпас на настанот организиран од Американската стопанска комора рече дека германската економија, четврта по големина во светот, веќе е значително забавена поради повисоките цени на енергијата и дека падот на производството на вештачки ѓубрива може да ја влоши ситуацијата во другите делови на светот.

„Гледајќи го глобалниот бруто домашен производ, тешко е да се каже како можеме да избегнеме рецесија“, рече Малпас, без да даде подетална прогноза.

Тој рече дека се очекува значително намалување на економиите на Украина и Русија, додека Европа, Кина и САД ќе доживеат забавување на економскиот раст.

Земјите во развој се посериозно погодени од недостаток на ѓубрива, недоволно снабдување со храна и недоволно снабдување со енергија.

„Самата идеја за двојно зголемување на цените на енергијата е доволна за да предизвика рецесија“, рече Малпас.

Минатиот месец, Светска банка го намали проектираниот глобален економски раст на 3,2 отсто од 4,1 отсто поради воената акција на Русија во Украина.

Малпас не зборуваше детално за тоа кога би можела да започне глобалната рецесија.

Руската воена инвазија на Украина влезе во четвртиот месец.

Бесими: Неопходно е внимателно креирање на фискалната политика

Министерот за финансии Фатмир Бесими

Ова е време на големи економски предизвици што бара внимателно креирање на фискалната политика, со мерки за поддршка на економијата и граѓаните, но и мерки за поттикнување на растот, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими, по добивањето на препораките што произлегоа од Економско-финансискиот дијалог на земјава со ЕУ, што се одржа на 24 мај годинава во Брисел.

Меѓу препораките се и обезбедување фискална поддршка во годинашниот Буџет за надминување на ефектите од кризата, внимателно следење на ценовните движења и зачувување на ценовната стабилност на среден рок преку водење соодветна монетарна политика, продолжување со реформите во управувањето со јавните финансии преку постепена фискална консолидација на среден рок, усвојување на новиот закон за буџет, рационализација на парафискалните давачки , нова стратегија за формализација на економијата.

Како што соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, во дискусијата со Европската комисија, по доставување на Програмата на економски реформи 2022 – 2024, договорено е фокусот во наредниот период да биде насочен и кон усвојување на правната рамка за енергетска ефикасност и воспоставување фонд за енергетска ефикасност согласно Зелената агенда за Западен Балкан на ЕУ, како и кон продолжување со реформите во образованието, особено кон средното стручно образование.

Меѓу заедничките препораки е и зголемување на опфатот и пристапот на невработени ранливи категории со мерките од Оперативниот план за активни политики и мерки за вработување и преку зголемена соработка на центрите за вработување и социјалните центри.

Бесими оцени дека воспоставената пракса на дијалог на високо ниво во изминатите две години помеѓу министрите и директорите на директорати во Европската комисија за предизвиците со кои се соочува земјата за постигнување одржлив економски раст, е силен сигнал до ЕК за нашата посветеност за процесот на преговори, каде што Програмата на економски реформи има клучна улога и претставува оперативна алатка за спроведување на структурните реформи кои се предуслов за користење на финансиските средства од Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.

Загинаа 11 бебиња во пожар во болница во Сенегал

Илустративна фотографија

Единаесет новороденчиња загинаа во пожар во болница во западниот сенегалски град Тивауан, непосредно пред полноќ. Настанот на Твитер го потврди претседателот на земјата Меки Сал.

„Со болка и вознемиреност дознав за смртта на 11 новородени бебиња во пожарот во неонаталното одделение на јавната болница. На нивните мајки и нивните семејства им изразувам најдлабоко сочувство“, напиша тој.

Трагедијата се случила во болницата Маме Абду Азиз Си Дабах во транспортниот центар Тивауан, а била предизвикана од „краток спој“, според сенегалскиот политичар Диоп Сај.

„Пожарот се прошири многу брзо“, рече тој.

Според локалните медиуми, се работи за новоотворена, а градоначалникот на градот Демба Диоп посочил дека биле спасени три бебиња.

Трагедијата во Тивауан доаѓа по неколку други инциденти во јавните здравствени установи во Сенегал, каде што постои голема разлика меѓу урбаните и руралните области во здравствените услуги.

Во северниот град Лингере кон крајот на април, избувна пожар во болница и четири новороденчиња загинаа. Градоначалникот на тој град како причина за пожарот го навел електричниот дефект во единицата за климатизација во породилното одделение.

Настанот доаѓа повеќе од еден месец откако нацијата тагуваше за смртта на бремената жена која залудно чекаше царски рез. Жената, по име Астоу Сохна, пристигнала во болница во северниот град Луга со болки. Персоналот одбил да го прифати нејзиното барање за царски рез, велејќи дека тоа немала закажано.
Жената почина на 1 април, 20 часа по нејзиното пристигнување.

Смртта на Сохна предизвика бран на бес низ целата земја за лошата состојба на јавниот здравствен систем во Сенегал, а министерот за здравство две недели подоцна призна дека смртта можела да се избегне.

Три акушерки кои биле на должност беа осудени од Високиот суд во Луга на шест месеци условна затворска казна поради „не давање помош на лице во опасност“ во врска со нејзиниот случај.

Директорот на Амнести интернешенел во Сенегал, Сејди Гасама, рече дека неговата организација повикала на инспекција и надградба на неонатолошките услуги во болниците низ Сенегал по „грозоморната“ смрт на четирите бебиња во Лингер.

Со новата трагедија Амнести „ја повикува владата да формира независна истражна комисија за да ја утврди одговорноста и да ги казни виновниците, без разлика на нивото на кое се наоѓаат во државниот апарат“, напиша Гасама на Твитер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG