Достапни линкови

ЗНМ – Али Ахмети да престане со етикетирање новинари


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува етикетирањето на претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети кон новинарот на онлајн медиумот „In7.tv“, Албрим Хоџа. По вчерашната лидерска средба, Ахмети даде изјава за медиумите и по новинарското прашање на Хоџа, тој го обвини новинарот дека бил „зачинет“.

„Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што на кој било начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности. Таквите изјави може да стимулираат напади и закани врз новинарите од страна на партиските припадници, а тоа со себе може да повлече многу негативни последици. Впрочем, на оваа изјава на Ахмети кон истиот новинар неодамна му претходеше повикување на информативен разговор во полициска станица во Струга каде бил распрашуван за неговите извори на информации што претставува обид за заплашување“, наведува ЗНМ во денешното соопштение.

Здружението го потсетува Ахмети дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа.

Ова, оценува ЗНМ, не е прв случај на непримерно однесување на претставниците на ДУИ кон новинарите и затоа ќе бидат информирани сите релевантни домашни и меѓународни организации за овој, како и за претходните случаи.

XS
SM
MD
LG