Достапни линкови

Боки 13: Кичеец нѐ одработи како оперативец на Камчев


Бојан Јовановски во судница за „Рекет“, 7 мај 2020 година.

Бојан Јовановски - Боки 13, на денешното рочиште за „Рекет“, го обвини сега осудениот Зоран Милески Кичеец дека како оперативец на Јордан Камчев го врбувал и барал од него да влијае врз Катица Јанева. На денешното рочиште Јовановски и неговиот адвокат ја даваа својата одбрана во случајот.

„Од оваа дистанца гледам дека Милески сакал да не обработи, со разни проекти како за домовите за стари лица, да ме импресионира со контакти со странство. Почна да се прави сопственик на станот во кој јас живеев, на канцеларијата во која работев. Побара помош од мене за контакт со Богоев за имот на кој требало да градат нешто, а јас тогаш бев пријател со Богоев, но сега не сум затоа што го гонам за други предмети. Што се случи после не знам, затоа што требаше да градат некоја висококатна зграда. Тој ми нудеше дека таму можевме да направиме шопинг мол да ја преселиме телевизијата. Јас заслепен од емоциите кон него буквално ја пиев сета вода што ми ја даваше, метафорично зборувам“, изјави Јовановски пред Судот.

Тој рече дека за случајот „Империја“ дознал во неговата телевизија 1ТВ, кога одекнала веста дека СЈО отвориле постапка за бизнисменот Јордан Орце Камчев и за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Ние бевме први што објавивме, но од оваа дистанца категорично тврдам дека не сум знаел претходно дека ќе се отвори предметот Империја. Целта на Милески беше целосно да ме злоупотреби мене поради тој предмет. Конкретно, како што беше кажано дека Лазар Јанев бил вработен поради тоа - е невистина. Милески ме убедуваше дека Камчев ќе ми ја купи лиценцата за фрст концепт стор, дека ќе инвестира во проекти... Беше договорена средба во ресторанот Сушико на округла маса, Милески беше прв дојден верувам за да постави уреди за снимање“, рече Боки 13 пред Судот.

Според јовановски, наскоро после тој разговор сите биле пуштени од притвор. Тој уште еднаш повтори дека, како што рече пред Судот, „Милески го работел за да го дискредитира СЈО и за да се спаси Камчев“ и дека е „ноторна лага дека му дале 500 илјади евра“. Јовановски тврдеше пред Судот дека „торбата Луј Витон никогаш не ја зел во рацете, ниту, пак видел дека има пари во неа и дека истата торба Кичеец му ја вратил на Камчев“.

XS
SM
MD
LG