Достапни линкови

Рохани се закани со „разорувачки одговор“ ако продолжат санкциите за вооружување


Иранскиот претседател Хасан Рохани

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска се закани со „разорувачки одговор“ ако САД продолжат со напорите да се продолжи ембаргото за вооружување против Техеран од Советот за безбедност на ОН, кое истекува во октомври.

Иран и шесте светски сили во 2015 година го потпишаа нуклеарниот договор кој предвидува ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции. Американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година се повлече од договорот потпишан од неговиот претходник Барак Обама, нарекувајќи го лош договор и воведе жестоки санкции кои ја осакатија иранската економија. Вашингтон сега сака продолжување и на ембаргото за оружје.

Сепак, членките на Советот за безбедност Русија и Кина, кои заедно со Франција, Германија и Велика Британија се потписнички на договорот од 2015 година, сигурно ќе се спротивстават на ембаргото. Двете земји очекуваат големи договори за испорака на оружје во Иран.

Вашингтон смета дека Иран тајно работи на нуклеарна програма со воени способност, додека Техеран тврди дека е строго за цивилна употреба.

XS
SM
MD
LG