Достапни линкови

Мандала цртежи како начин за медитација и намалување на стресот


Сара Меновска и Марија Тасеска од Тетово цртаат мандала

Секој си наоѓа начин за занимација и смирување во време на светската пандемија на коронавирус. Тетовчанките Сара Меновска и Марија Тасеска цртаат мандала цртежи, кои се смета и дека се арт-терапија, односно служат за смирување.

Братучетките Сара Меновска и Марија Тасеска од Тетово престојот дома повеќе од вообичаеното поради пандемијата од коронавирусот го исполнуваат обидувајќи се и да го намалат стресот практикувајќи мандала цртежи, што подразбира и медитација. Основниот облик на создавање на мандала е цртање на квадрат со 4 помали квадрати што ја формираат буквата Т, како и круг во центарот кои се бојат по желба, вели Сара Меновска.

„Покрај основната форма која ја има мандалата од почетокот, а тоа е квадрат, подоцна го менува својот облик во круг и други облици коишто содржат одредени знакови и фигури. Всушност една мандала се работи од внатре, значи од центарот кон нанадвор почнувајќи од централната точка во средина. Јас и мојата братучетка досега, како материјали што ги користевме за изработка на овие мандали беа молив, рапитограф, дрвени боички, пенкала во боја. Може да се црта на обична хартија А4 формат, хамер за цртање, додека пак, може да се користи и платно со темперни бои. Мојата братучетка научи од интернет да ги црта овие мандали, додека јас научив од неа. Веќе заедно изработуваме вакви цртежи две години“, вели Сара Меновска.

Се смета дека мандалата дека е таканаречена арт терапија. Со вакво цртање мозокот и душевната состојба се смируваат и релаксираат.

„Кога почнуваме да создаваме една мандала, тогаш ние сме во директен контакт со внатрешното јас, па како резултат на тоа нè обзема смиреност и внатрешна хармонија коишто нè воведуваат во еден вид на медитативна состојба. Мандалата се појавува во секој аспект од животот - Земјата е кружна, Сонцето, Месечината, планетите, кругот на семејството, пријателите итн. Таа е циркулирачки дизајн кој нè потсетува и симболизира живот што никогаш не завршува“, рече Сара.

Во јога праксата мандалата се користи за да се поддржи медитацијата.

„Мандалата претставува слика којашто е создадена за да го инспирира спиритуалното зреење и себеизразувањето. Исто така, во различни спиритуалнни пракси е користена како алатка за учење, за фокусирање на вниманието, и за да се навлезе во медитација и трансценденталност“, посочи Сара Меновска.

Зборот Мандала доаѓа од најстариот јазик во светот – санскрит, што во буквален превод значи „круг“.

XS
SM
MD
LG