Достапни линкови

Децата во Шпанија излегоа на улица прв пат после шест недели


Дете игра фудбал со таткото на плажа во Палма де Мајорка

Детската игра се врати на улиците во Шпанија за прв пат по шест недели, откако владата ја укина строгата забрана за излегување од дома за своите најмлади граѓани. Шпанската влада утринава им дозволи излез од дома на децата под 14 години по 44 дена целосна изолација.

Тие сега може да шетаат со родителите еден час во круг од еден километар од домот.

Децата може да понесат по една играчка со себе, но не им е дозволено да си играат со други деца и треба да одржуваат еден метар растојание од други луѓе.

Парковите се затворени, а властите препорачуваат и децата и родителите да мијат раце и пред и по излегувањето од дома.

Шпанија е една од земјите со најстроги мерки во светот во борбата против коронавирусот, зашто е и една од најтешко погодените од болеста.

Во земјата се регистрирани 225 илјади заболени и над 23 илјади починати од последиците од болеста.

Строгите мерки придонесоа за намалување на бројот на новозаболени.

Владата планира од наредната недела да им дозволи на возрасните излегување заради рекреација. Во моментов им е дозволено движење само поради купување храна, лекови и одење на работа.

XS
SM
MD
LG