Достапни линкови

ЗНМ - Институциите и во вонредна состојба мора да се транспарентни


Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека и во време на вонредна состоја мора да се најде начин за подобра комуникација и транспарентност во односот на владините институции и здравствените центри, a во насока на гарантирање на слободата на изразување и правото на информирање. ЗНМ смета дека има голем простор за да се подобри соработката меѓу новинарите, медиумите и институциите. До Здружението пристигнале забелешки од членовите дека се незадоволни од недостигот на двонасочната комуникација за вклучување во живо преку видео алатките за време на прес-конференциите на министрите.

„Со моменталната пракса преку оваа комуникација, не се дава во целост простор на новинарот да има потпрашање ниту пак да има коментар на даден одговор, со што соговорникот не секогаш одговара на прашања. Ова дава можност, тој да биде селективен во своите одговори“, се наведува во соопштението.

ЗНМ смета дека има можност да се прават и прес конференции на отворено и да има физичка дистанца меѓу новинарите и соговорниците.

Здружението укажува дека Владата не треба да им го скратува правото на прашања и учество на прес-конференциите ниту на онлајн медиумите кои не се наоѓаат во Регистарот на професионални онлајн медиуми, бидејќи Регистарот е доброволна организација, не е направен за таа намена, туку со цел јавноста и бизнис заедницата да ги препознае професионалните медиуми.

XS
SM
MD
LG