Достапни линкови

Почна 85–часовниот велигденски карантин


Попладнево во 16 часот почна 85-часовниот полициски час за сите граѓани на територија на целата држава.

Забраната за движење ќе трае во целата земја до вторник наутро во 5 часот.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Изземени од забраната се и сите лица со попреченост со придружници.

Премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче, во пресрет на Велигденските празници апелираа до граѓаните да покажат одговорност, да останат дома, да не се собираат, групираат и строго да ги почитуваат заштитните мерки, посебно физичката дистанца од два метра, за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Надлежните укажуваа дека влегуваме во најкритичната фаза од епидемијата каде бројот на новодијагностицирани очекувано расте, но не смее да се дозволи тој дополнително да се оптовари и да се даде шанса понатаму да се зголеми.

XS
SM
MD
LG