Достапни линкови

Анѓелков - Книжевноста стана последното уточиште да се бара вистината


„Шрапнел“ зборува со еден нов јазик, со еден нов интензитет и со приказни кои се доста лични и пропуштени низ филтрите за на крајот да излезат во една книжевна форма, вели писателот Игор Анѓелков за штотуку објавениот трет свој роман за издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

Роден 1974 година во Скопје, Игор Анѓелков е навидум тивкиот, но исклучително моќен глас на генерацијата македонски урбани творци чие време е овде и сега. На оние кои катадневно ја менуваат реалноста во која живееме на поубаво со идеја дека нашите мисли треба да дофрлаат многу подалеку од реалните и фактичките огради. Да комуницираат смело и на рамна основа со широкиот свет околу нас.

Дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на пост-дипломските студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Со години наназад активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста... Неговите текстови можат да се прочитаат и на www.herojnaedenden.mk.

Официјалното книжевно деби го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“, a потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013), кој беше финалист за „Рациновото признание“.

Анѓелков зад себе има и две дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“, и „Филмски град“ (2018). „Шрапнел“ е негов трет роман кој на македонската книжевност и се случи на крајот на февруари оваа престапна 2020 година.

По цели седум години од обелоденувањето на „Фото синтеза“, деновиве како 181 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ се појави твојот трет роман „Шрапнел“. Зошто толкава пауза?

Иако првите три пробни објави беа независни, можат да се читаат како засебни книги – првата збирка раскази „Кротки приказни“ и двата романи „Крај-пат“ и „Фото синтеза“, сепак тие формираат некаква неформална трилогија и излегоа за релативно краток период. Оваа пауза од седум години се надевам дека за мене како автор претставува некаква пресвртница бидејќи ми се чини дека „Шрапнел“ зборува со еден нов јазик, со еден нов интензитет и со приказни кои се доста лични и пропуштени низ филтрите за на крајот да излезат во една книжевна форма.

Од каде тргна како автор во развивањето на романот? Од она што ти се случуваше во последниве години? Што се обиде да побараш во себе? Да го изнесеш на виделина она што можеби те мачело, притискало. Да се ослободиш од болката.

Мислам дека во последно време поради влијанието на социјалните мрежи книжевноста како да стана последното уточиште каде што може да се бара вистината, макар таа да била и книжевна. Нели, книжевноста е фикција меѓутоа при пишувањето секогаш тргнуваме од себе и од она што ние сме го доживеале низ овие години наназад во ова премрежие овде каде што живееме. „Шрапнел“ е фино надоврзување на едицијата „ПРОаЗА“ во која ги протежираме и ги издаваме новите македонски писатели и ми се чини токму на таа линија дека мојот нов роман ќе даде придонес кон уште поголем интерес за она што го пишуваат македонските писатели овде и денес.

Но да се вратиме повторно на личното. Од каде ја започна приказната, од загубата на некои блиски околу себе или...

Романот има неколку наративни линии, неколку гласови кои на моменти случајно или намерно се преклопуваат меѓу себе. Да, една од иницијалните каписли ако може така да кажам е смртта на мојот татко. Секогаш е тешко кога ќе загубиш родител и после одредено време таа болка што ја чувствував почнав едноставно да ја ослободувам преку пишување. Меѓутоа ми се чинеше дека на „Шрапнел“ онаков каков што го замислив му требаат уште неколку гласови за да создадам еден така наречен пост-модернистички хибриден роман каде нема да го коментирам само личното туку ќе коментирам и се она што се случува околу мене. Затоа и поднасловот на книгата е „Роман за суптилните релации меѓу историјата, личното сеќавање, односот со најблиските и општествените околности кои влијаат врз емотивното и приватното“. Една од книжевните тези внатре во книгата е дека сето она што ни се случува на приватен план сепак е одек на она што се случува околу нас. Сите ние сме окупирани од политичкото, од сето она што во овие 30 транзициски години ни се случува како на луѓе, како на персони. Така што тоа е неизбежно да се провлекува и низ книжевноста.

Претпоставувам од таму и еден ваков наслов, но сепак зошто „Шрапнел“?

„Шрапнел“ е прилично ударен наслов и има реална позадина. Многу ефектен. Така почнува и самата книга. Реално се работи за шрапнелот во грбот на дедо ми кој тој го носеше целиот свој живот по завршувањето на Втората светска војна од Сремскиот фронт. Да, приказната е можеби повеќе за загубениот родител меѓутоа таа семејна нишка никогаш да се избегне такашто почнувајќи наназад од дедо ми, го спомнувам дури и прадедо ми, преку татко ми па се до она што на мене денес како личност ми се случува низ приватниот живот. Има една фина симболика во самиот роман. Еве да не ја откривам до крај за читателите, шрапнелот како поим, како термин многу малку е присутен во самиот роман но всушност е клучен и една од тезите е дека кога на еден човек ќе му се случи да добие шрапнел во животот потоа неговото разурнувачко влијание може да се провлекува и на следните генерации. Ова чисто како провокација да се прочита овој роман.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG