Достапни линкови

Ангеловска - Финансиската помош за фирмите може да спаси многу работни места


Министерката за финансии Нина Ангеловска.

Финасиската поддршка од 14.500 денари по вработен за фирмите кои се засегнати од кризата со новиот коронавирус ќе значи инекција за ликвидноста и помош за исплата на плати, изјави денеска на видео прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

Таа истакна дека кризата бара брзи реакции, дијалог и комуникација, односно информирање на јавноста, додавајќи дека мерката, која можат да користат сите компании, може да спаси многу работни места. За финансиската поддршка од 14.500 денари за фирмите, држатата ќе издвои од 100 до 120 милиони евра, наведе Ангеловска.

Таа вели дека со мерката компаниите можат да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосно или најголем дел од трошоците за плати на работниците кои поради кризата не одат на работа.

„Така тие ако исплаќаат на пример бруто плата од 30.000 денари, половина ќе може да покријат преку оваа мерка со поддршката која ќе ја искористат. Потоа има компании кои се со нула приход, такви се угостителите...Тие поради виша сила ги пуштиле работниците дома со 50 отсто плата, кај нив нето платата изнесува 18.000 до 20.000 ден. Во случај ако тие сега исплаќаат 9.000 ден или 10.000 денари на работниците, со оваа мерка тие ќе ја покријат целата бруто плата ако е нето 9.000 ден, или ако е нето 10.000 ден, ќе треба да покријат тие околу 1.000 денари дополнително“, рече Ангеловска.

Угостителите пред неколку дена се пожалија дека владините мерки за помош не се доволни и се заканија со отпуштање на вработените. Тие рекоа дека мерките нема да ги користат и дека досега се отпуштени околу 15 илјади вработени во угостителско-туристичкиот сектор, но и дека отпуштањата ќе продолжат.

Тие во рекацијата наведоа дека владата треба да се погрижи за отпуштените работници. Во овој сектор има 6.000 фирми и околу 20 илјади вработени.

Ангеловска посочи дека работниците преку оваа мерка добиваат извесност дека ќе го задржат работнот место и по завршувањето на кризата.

Таа исто така додаде дека мерката може да се комбинира со мерката за „субвенции на придонеси при покачени плати“, која ја користат 26.000 компании за околу 140.000 вработени.

XS
SM
MD
LG