Достапни линкови

Орбан нема да разговара за демократијата со Брисел, зафатен е со коронавирусот


Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ѝ порача на ЕУ да се бори против коронавирусот наместо да се занимава со Унгарија и со него.

Неговата порака уследи после критиките кои ЕУ му ги упати поради проширувањето на овластувањата и после предупредувањата на 16 членки на ЕУ.

„Не знам кои се тие луѓе кои седат во бриселското стаклено ѕвоно“, рече Орбан за државното радио.

„Можеме да спасуваме животи работејќи заедно, а со што се бави Брисел, со нас“, рече тој.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека е „особено загрижена“ поради одлуката на унгарскиот парламент од понеделникот, кога му беше одобрено на Орбан да ја води земјата со укази на неопределено време во рамки на вонредната состојба воведена поради пандемијата на новиот коронавирус КОВИД-19.

„Ќе преземеме мерки ако биде потребно“, рече таа.

Тринаесет членки на Европската народна партија (ЕПП) во европскиот парламент, која е најголемата политичка сила во таа установа, вчера побараа исклучување на партијата на Орбан, Фидес.

„Со сета почит, немам време да разговарам за други работи, освен за коронавирусот“, напиша Орбан во писмото до генералниот секретар на ЕПП, Антонио Лопес-Истурис Вајт.

Еден од членовите на владата на Орбан денеска го објави писмото на Твитер.

Фидес е суспендирана од ЕПП од март 2019 на неопределено време.

Покрај тоа, 16 земји членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, вчера потпишаа заедничко соопштение во кое предупредуваат на кршење на правната држава во ЕУ со мотив – борба против пандемијата на КОВИД-19.

Против Унгарија претходно беше покрената процедура по членот седум од Договорот за ЕУ – кршење на вредностите на Унијата, што може да заврши со санкции.

Во Унгарија досега се регистрирани 623 заболени до коронавирус и 26 починати.

XS
SM
MD
LG