Достапни линкови

Десетици илјади луѓе без работа поради коронавирусот


Затворени кафулиња и ресторани во Градскиот трговски центар во Скопје поради пандемијата на коронавирус
Затворени кафулиња и ресторани во Градскиот трговски центар во Скопје поради пандемијата на коронавирус

Нема проценка колку луѓе може да останат без работа поради економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус, но 34 илјади луѓе што работат во угостителство и туризам и 15 илјади во услужните дејности сега се без работа.

Никој засега не може да процени колку луѓе во Македонија ќе останат без работа поради економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Синдикатите бараат мораториум на отпуштања на работници, бизнисмените бараат владина помош да ја пребродат кризата, владата најавува мерки со кои фирмите ќе опстојат, а работните места ќе се задржат.

Меѓународната организација на трудот објави дека поради економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, според „црното сценарио“ без работа може да останат 25 милиони работници во светот. Според оптимистичкото сценарио, без работа ќе останат 5,3 милиони луѓе. За споредба, светската финансиска криза од 2008 и 2009 година остави 22 милиони луѓе во светот без работа.

Угостителството и туризмот беа првите сектори кои се најдоа на удар на пандемијата. Кафулињата и кафеаните се затворени или работат само со ограничен капацитет за шалтерска продажба на храна или достава, хотелите се празни, а туристичките агенции ставија клуч на врата. Според податоците на Државниот завод за статистика за 2019 година, во секторот „Објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ работат над 34 илјади луѓе, од кои најголемиот дел сега се без работа. Во други услужни дејности работат уште скоро 15 илјади луѓе, од кои голем дел не работат, како фризери, козметичари, масери. Занаетчиите, исто така, побараа помош од државата за да ја пребродат кризата. Дури и оние дејности за кои немаше владина препорака да затворат ставија катанец поради намалениот промет.

Намалената приватна потрошувачка, пак, неминовно ќе се одрази на сите други сектори во економијата.

Сојузот на синдикати на Македонија бара мораториум за отпуштања на работници во кризниот период. Првиот човек на Сојузот, Дарко Димовски, вели дека здравствената криза не смее да премине во криза на пазарот на трудот и таа да се надминува преку грбот на работниците. Тие предлагаат и други мерки за надминување на кризата.

„Една од тие мерки е да се зема само нето платата додека придонесите да се плаќаат во иднина кога ќе излеземе од оваа здравствена и економска криза. Исто така предлагаме секоја мерка што ќе биде преземена во врска со отпуштање на работници, принудни одмори, колективни одмори, сè да биде според Законот за работни односи и Колективните договори, како во јавниот, така и во приватниот сектор, бидејќи тоа е единствен начин на кој може да преземеме правни дејствија во врска со работниците“, вели тој.

Димовски вели дека платите за март треба да се исплатат 100 отсто, а за април и мај владата треба да примени мерки за помош.

„За во месец март никој не може да ме убеди дека не може да се исплати целата плата, бидејќи, како што знаеме, капиталот што во минатото го создале работодавачите е од рацете на работниците“, вели тој.

Во Агенцијата за вработување времено е стопирано пријавувањето невработени за да се спречи правење гужви и евентуално ширење на болеста. На крајот на 2019 година, стапката на невработеност во земјава била 17,3 отсто. Во февруари година, пред да започне кризата, имало 106 илјади луѓе кои активно бараат работа и уште 86 илјади луѓе кои се пријавиле како невработени.

Владата веќе најави објави некои мерки за помош на стопанството, како бескаматни кредити за малите фирми, субвенции за придонеси на фирмите погодени од кризата со коронавирусот, забрана за извршување или забрана за стечај, како и замрзнување на цените на основните производи. Услов фирмите да добијат владина помош е да не отпуштаат вработени.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, минатата недела најави дека државата ќе се задолжи за скоро 600 милиони евра за да обезбеди пари во буџетот, по што ќе се објават нови и покрупни мерки.

„Владата е тука за бизнисите, за фирмите, за граѓаните. Кога зборуваме за фирмите, тоа се тие коишто ги креираат работните места, коишто креираат вредност и тие треба да ги заштитиме за директно да ги заштитиме и работните места. Приоритет ќе биде фирмите да опстојат, а работните места да ги задржиме, па така новите мерки коишто наскоро ќе бидат претставени ќе бидат во таа насока. Ќе го заштитиме секое работно место, секој семеен бизнис, секоја компанија, секој граѓанин“, рече Ангеловска.

Претходно, помош од државата побара Занаетчиската комора, Стопанската комора за туризам и другите стопански комори.

Полиција и војска низ градовите во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:14 0:00

Епидемијата на коронавирусот почна во декември во Кина, но овој месец го зафати речиси целиот свет и СЗО прогласи пандемија. Досега има над 420 илјади заразени во светот, а над 19 илјади луѓе починаа. Најголем број заразени сега има во Италија, САД, Шпанија и Германија каде што има десетици илјади разболени. Во Македонија досега има регистрирано 148 случаи на коронавирус, а два луѓе починаа. Како мерки за спречување на ширењето на болеста владата прогласи вонредна состојба, образованието е во прекин, угостителските објекти се затворени, а воведен е и полициски час.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG