Достапни линкови

Владата денеска ќе одлучува за построги рестриктивни мерки


Архивска фотографија-владина седница

Македонската влада на вчерашната седница донесе неколку заклучоци поврзани со ширењето на коронавирусот во Македонија, каде што според последните вчерашни податоци, има 76 потврдени случаи.

Владата ја задолжи Комисија за заразни болести да подготви предлог мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус, како што се забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење и да ги достави до Владата за денешната седница.

Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, пак, владата ги задолжи да направат детален оперативен план за спроведување на најстрогите рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата.

„Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка“, се наведува во владиното соопштение.

Од таму информираат и дека за да им се обезбеди можност да се вратат во земјата на македонските државјани во странство, Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски да подготват посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.

„Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија“, наведуваат од Владата.

Според владините заклучоци објектите за карантин ќе бидат обезбедувани од војска и полиција, сите лица кои ќе бидат сместени таму ќе бидат најмалку 15 дена, во иста просторија ќе има најмногу двајца, ќе им биде доставувана храна, а хигиената ќе си ја одржуваат сами.

Намалување на стресот за време на КОВИД-19 (СЗО)
Намалување на стресот за време на КОВИД-19 (СЗО)

На граѓаните чии патни исправи, лични карти и возачки дозволи им се со истечен рок ќе им се продолжи времетраењето додека трае вонредната состојба. Денеска се очекува нова седница на Владата на која ќе се донесат и нови мерки.

XS
SM
MD
LG